Судот на Велика Британија соопшти дека двајца албански државјани кои нелегално престојувале во државата, украле шест пара манжетни и еден часовник откако наводно се искачиле по одводна цевка и провалиле во една од просториите на селската резиденција на принцот Вилијам и принцезата Кејт Мидлтон од Велс.
Мирген Доку (34) и Арилен Ндоци (32) пред судот во Норвич комуницирале со помош на преведувач за албански јазик. Доку живее во Лондон, а Ндоци нема постојано место на живеење.
Норфолшката полиција соопшти дека инцидентот се случил во понеделникот вечерта во „Анмер Хол“, селски имот со десет спални соби, лоциран во источниот дел на Англија, подарен од кралицата Елизабета Втора, по нивната венчавка.
„Во потрага по осомничените беа ангажирани полициски кучиња, беспилотни летала, како и хеликоптер на Националната полициска воздухопловна служба. Засега не е позната вкупната вредност на украдените предмети“, се наведува во полицискиот извештај.
Изолираната резиденција „Анмер Хол“ е изградена од црвена тула и се наоѓа во склоп со приватниот кралски имот Сандрингам, во грофовијата Норфолк. Имотот располага со приватен базен, тениско игралиште со вештачка трева, како и пространа уредена градина.
Фото: архива




