Рускиот претседател Владимир Путин ги уверил американските преговарачи дека нема намера да употреби нуклеарно оружје во војната против Украина, изјави американскиот пратеник Џаред Кушнер.
– Тој се согласи да не употребува нуклеарно оружје, што очигледно е голема работа, и нè увери дека тоа не му е намерата – изјави Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, во поткастот MD Meets, чиј домаќин е извршниот директор на „Аксел Шпрингер“, Матијас Дефнер.
Кушнер исто така рече дека рускиот лидер покажал „воздржаност“ во конфликтот, пренесе ДПА.
Откако Русија ја почна својата инвазија врз Украина во 2022 година, во САД и другите западни земји постојано се појавуваа стравувања дека Путин би можел да посегне по тактичко нуклеарно оружје. Овие загрижености беа поттикнати од постојаните закани од руските функционери и државните медиуми.
Кушнер ги отфрли и обвинувањата дека САД се премногу блиски со Москва.
– Не извршивме никаков притисок врз претседателот Зеленски или врз Украинците – рече тој, нагласувајќи дека Вашингтон се гледа себеси како посредник.
Тој додаде дека САД биле најголемиот финансиски поддржувач на Украина за време на војната и оти продолжуваат да споделуваат разузнавачки информации со Киев.
Истовремено, Кушнер ја обвини Украина дека го поткопува напредокот кон мировен договор преку наводен напад врз една од резиденциите на Путин.
– Имаше напад што Украинците го извршија врз куќа на Путин на крајот на декември, што мислам дека го врати чекор назад – рече Кушнер, осврнувајќи се на напорите за изработка на мировен план со Путин.
Кон крајот на минатата година, Русија тврдеше дека Украина се обидела со дронови да ја нападне резиденцијата на Путин во Валдај. Според американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), резиденцијата не била планирана цел.




