Во Пустец, Мала Преспа денеска беше одржана манифестацијата „Фестивал на зимата 2019“, со која официјално се означува почетокот на низата манифестации и одбележување празници, за оваа календарска година.

На манифестацијата, која веќе е традицонална, се презентираат не само природните убавини на оваа област распослана на Преспанско Езеро, туку и културните и кулинарските вредности. Исто така на штандови беа претставени и виното, медот и другите производи на вредните раце на Македонците.

Пред присутните се обрати албанскиот министер за туризам и животна средна, Бенди Кљоси, кој порача ваквите манифестации да се одржуваат и во екот на туристичката сезона, кога тука доаѓаат  голем број странски туристи.

– Ние сме тука во Преспа за да дадеме поддршка за локалните манифестации. Со нивна реализација не само што се негува традицијата туку се значаен придонес во развој на туризмот, во оваа преубава област. Тоа ќе услови поголем развој и економско зајакнување на општина Пустец, нови вработувања, подобар живот за сите, рече Кљоси.

Големиот број Македонци жители на областа и поранешни жители кои тука беа дојдени по повод оваа манфестација другите гости, ги поздрави и добредојде им посака градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко.

– Манифестацијата „Фестивал на зимата“, сега веќе традицонална, се надевам дека ќе продолжи  во иднина, се разбира со поддршка на локалната власт и Владата. Целта е да се промовираат природните убавини со кои изобилува Мала Преспа, културните и другите вредности на нејзините жители, рече Темелко.

На плоштадот „Гоце Делев“ се разви и македонско оро и се пееја македонски песни.

„Фествалот на зимата 2019“ се одржува во рамки на проект за промоција и заштита на биосферата на подрачјето на Преспа, што го спроведува албанската Влада, со поддршка на германската влада.