Косовскиот министер за надворешни работи Беџет Пацоли на министерскиот состанок во Букурешт, му се заканувал со смрт на првиот потпретседател на српската Влада и шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ, пишува денешен „Курир“.

Според весникот, Пацоли на српски рекол: „Ако има некој атентат, да знаеш дека сме ние Албанците“.

Дачиќ за „Курир“ изјавил дека албанските политичари се нервозни, затоа што им се урива тлото под нозете.

– Веќе отрпнав на закани, но ова е првпат некој од албанските политичари така директно да ми каже. Тоа покажува колку се нервозни, им се урива тлото под нозете. Мислеа дека се е готово, рече Дачиќ.

Тој понатаму вели дека им одговорил оти „тој им е министер, и оти тие се само негови помошници, затоа што Косово е дел од Србија“.

– Тие навикнале се да добиваат со сила. Сега удрија во тврдо! Нема откажување, без оглед на заканите, рече Дачиќ.

На состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ и балканските земји кандидати за членство, одржан на 1 февруари во Букурешт, Дачиќ констатирал дека на масата седат двајца косовски министри за надворешни работи, алудирајќи на тоа дека вршителот на должност МНР на Албанија, Гент Цакај, е со потекло од Косово.

– Зошто Косово има два министри за надворешни работи на масата. Тоа е тешка провокација (за официјалниот) министер за надворешни работи (и премиер) Еди Рама, рекол Дачиќ, а пренесе албанскиот сајт Балкавеб.

На тоа реагирал Цакај, кој рекол дека Дачиќ претходно требало да биде испровоциран со оглед на тоа што Косово и претходно имало двајца министри за надворешни работи.

– Вие сте од Призрен, зарем не, јас сум Албанец од Косово и овде ја претставувам Албанија, рекол Цакај.

– Па да. Ние сите сме од Србија. Косово е Србија, одговорил Дачиќ, по што Пацоли се изнервирал и му се заканил.

Албанскиот премиер Еди Рама официјално е и министер за надворешни работи, а Цакај е вршител на должност МНР, откако Рама му ги пренесе сите овластувања.