Зголемен извоз на сувомесни производи, намалување на извозот, поголема искористеност на домашните капацитети, како и пад на цената на дел од домашните сувомесни производи, е резултатот од воведената мерка минатата година за намалување на царината на смрзнато месо за преработка.
Ова беше соопштено денеска по средбата на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и министерот за економија Крешник Бектеши со Групацијата за преработувачи на месо и месни производи при Стопанската комора на Македонија.
-Резултатите ни покажуваат дека сме донеле мерка каква што била потребна. Извозот на сувомесни производи е зголемен за 41,7 проценти, вкупното производство на сувомеснати производи е зголемено за 6,64 проценти откако е воведена мерката од 1 јули 2018 година, рече Анѓушев.
Појасни дека во 2018 година се извезени 2.936.495 килограми сувомеснати производи, а во 2017 година 2.070.904 килограми, додека увозот лани изнесувал 6.039.749, додека во 2017 бил 6.744.566 килограми.
Оцени дека од земја увозник станавме земја извозник и оти Северна Македонија нема друга шанса освен брза индустријализација.
Мерката беше воведена со цел да се помогне на преработувачката месна индустрија која имаше проблем и не беше конкурентна бидејќи суровината што ја користеше имаше царина, а сувомеснатите производи од странство се увезуваа без царина.
Министерот за земјоделество Николовски истакна дека мерката е продолжена до 30 јуни годинава, а придонесе искористеноста на капацитетите да порасне од 25 на 40 проценти, што пак, од друга страна не го наруши домашното производство.
Царината, како што рече претседателот на Групацијата Гоце Трајчев, пред воведување на мерката била помеѓу 19 и 35 проценти. Намалувањето, истакна, даде резултати и очекува позитивниот тренд да продолжи.
– Ова беше делумо ослободување и сегашните резултати не охрабруваат дека може да се зголеми и прошири. Не завршуваме на оваа мерка. Очекуваме да има проширување на повеќе тарифи, рече Трајчев кој додаде дека во компанијата од каде доаѓа тој МИК – Свети Николе од воведување на мерката имаат увезено 1500 тони од кои 400 тони се ослободени, а останатата количина не е ослободена од царина.
Мерката според него не влијалеа негативно на домашното производство на свинско месо, наведувајќи дека домашното производство на свежо месо не е доволна ниту за домашниот пазар.