Владата на вчерашната седница го усвои Предлог-законот за Агенција за национална безбедност, со што ќе овозможи реформирање на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и нема повеќе да биде орган во состав на МВР.
Со Предлог-законот се предлага основање Агенција за национална безбедност како модел за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем во земјава.
Портпаролот на владата Миле Бошњаковски на денешната прес-конференција информира дека се разгледувани три модели и тоа УБК да остане во рамки на МВР, да се издвои како самостоен орган или да се фузира со постоечката Агенција за разузнавање.
– Избран е вториот модел односно Агенцијата да биде самостоен орган бидејќи овозможува целосна деконцентрација на моќта на разузнавачките служби во земјава и истовремено оневозможува каква било нивна злоупотреба во иднина, нагласи Бошњаковски.
Со овој Предлог-закон се предвидува луѓето кои ќе работат во Агенцијата да немаат полициски овластувања, туку само оперативно ќе собираат информации и понатаму ќе ги доставуваат до другите служби со кои ќе соработуваат. Според владиниот портпарол, со овие реформи ќе имаме поголема контрола врз работата на безбедносно-разузнавачките органи како од Собранието, така и од граѓанските организации.
Тој информира дека директорот на Агенцијата ќе биде избран на владина седница по предлог на премиерот, а заменикот ќе биде по предлог на веќе избраниот директор.
Утврден е и Предлог-законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, со кој се предвидува формирање посебно тело за координација на безбедносно-разузнавачката заедница со точно утврден делокруг на работа, состав и донесување одлуки, а во функција на спроведување ефикасна координација на безбедносно-разузнавачката заедница. На владината седница е утврден и Предлог-законот за изменување на Законот за следење на комуникации и измените на законите за внатрешни работи, а се за техничка усогласеност со Законот за формирање на Агенцијата за национална безбедност. Сите утврдени предлог-закони вчера се испратени до Собранието со европски предзнак, што значи треба да бидат ставени на пленарна седница по кратена постапка.
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа каква ќе биде релацијата на Агенцијата за национална безбедност со ОТА, Бошњаковски појасни дека ОТА има допирна точка со оваа Агенција исклучиво во однос на тоа што претставуваат дел од безбедносно-разузнавачки системи на Република Северна Македонија.
За обвинувањата од српските власти дека Скопје е центарот за рушење на власта на Александар Вучиќ, портпаролот Бошњаковски дециден дека Владата на Република Северна Македонија со сите активности што ги спроведува има единствена цел да гради добри пријателски и релации на меѓусебно разбирање, што ќе овозможат економски разавој на целиот регион, со сите наши соседи, вклучувајќи ја и Република Србија.
– Сите активности што ги преземаме се знак на политичка волја дека нашата интенција оди исклучиво во насока на градење на добри соседски и пријателски односи, рече владиниот портпарол, додавајќи оти наскоро на ГП Табановце ќе профункционира „оне стоп шоп“ односно сите проверки ќе се одвиваат само на една локација.
Портпаролот Муамед Хоџа информира дека е усвоен и извештајот од првиот состанок на меѓуресорската работна група за спроведување на Законот за употреба на јазиците. Владата ги задолжила министерствата во рок од седум дена до Генералниот секретаријат на владата да достават листа на закони што содржат одредби од Законот за употреба на јазиците.
Министерството за правда треба во рок од 15 дена да достави Предлог-закон за формирање Инспекторат за употреба на јазиците. Владата им препорачала, како што рече, на сите институции при изготвување на печатите да го почитуваат овој закон, во случаите каде нема одредби за употреба на јазиците, упатна референца да биде Законот за употреба на јазиците, како и да се користат двојазичен меморандум во случај на двојазично обраќање.
За надзор и спроведување на одредбите од Законот се формира Инспекторат за употреба на јазиците во состав на Министерството за правда, чии надлежности ќе се уредувааат со посебен закон.
На новинарско прашање за одредени проблеми кои се јавувааат на граничните премини со Република Грција, портпаролот Бошњаковски одговори дека сите административни проблеми со кои се соочуваме во имплементација на Договорот од Преспа се адресирани и се бара решение за истите.
Во однос на загадувањето на воздухот владата во континуитет презема мерки, а планот за чист воздух има јасни и прецизни активности и намерата е во наредните две години аерозагадувањето да биде значително намалено, истакна владиниот портпарол Миле Бошњаковски.