Водачот на венецуелската опозиција и самопрогласен привремен претседател на таа земја Хуан Гуаидо на Твитер напиша дека дел од соработниците на претседателот Николас Мадуро веќе не се во земјата.

„Војниците се уште не знаат дека високорангирани функционери, кои осудуваат секого, веќе побегнаа во Турција“, напиша Гуаидо на Твитер.

Тој уште еднаш ги повика венецуелските вооружени сили да ја поддржат опозицијата и „да го направат вистинскиот историски избор“.

Претходно денеска, четворица офицери, дотогаш лојални на Мадуро ги напуштија своите позиции и преминаа во Колумбија. Гуаидо одби да ги нарече дезертери.