Кина   ги повика денеска Индија и Пакистан „да се воздржат” од понатамошна ескалација, откако Њу Делхи објави дека индиски воени авиони нападнале камп на милитанти, во потег што зголеми тензии меѓу ривалите над спорниот Кашмир.

-Се надеваме дека и Индија и Пакистан можат да се воздржат и да усвојат акции што ќе помогнат во стабилизирањето на ситуацијата во регионот и подобрување на меѓусебните односи, рече портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лу Канг.

Индија соопшти дека во нејзините воздушни напади биле убиени голем број терористи. Акцијата е спроведена само неколку дена откако 40 индиски  полицајци беа убиени во напад со автомобил-бомба во индискиот дел на Кашмир.

Индија тврди дека уништила камп за обука на терористи во регионот Џаба, со кој управува Пакистан, додека Пакистан соопшти дека го спречил нападот и „натрапниците“ биле избркани од неговиот воздушен простор.