Мартинки за среќа традиционално ќе се подаруваат и денеска, како и секој 1 март во Тиквешијата.
Најмладите од градинката „Рада Поцева“ во Кавадарци заедно со воспитувачките, изминативе неколку дена изработија мартинки и денеска ќе ги делат на случајните минувачи во центарот на градот.
Директорката Цанка Добринова појасни дека тие што ќе имаат среќа да добијат од вешто испреплетениот црвен и бел конец, ќе остават по некој денар во рамки на можностите, а собраните пари ќе се искористат за нов дидактички материјал во градинката.
Мартинки носат и млади и стари во Тиквешко, но најмладите особено им се радуваат. Доказ за тоа се токму децата од градинка. За нив, секој прв мартовски ден е како празник.
Обичајот да не стане суеверие
Многу други граѓани, исто така, потврдија дека ја почитуваат традицијата.
Традицијата е на првиот ден од март најстарата жена во семејството да врзува на рацете на децата засукан бел и црвен конец за здравје и против уроци.
Мартинките се носат до појавата на првото процветано дрво или на првиот виден штрк, а во Македонија и до здогледување на првата ластовица. Потоа се ставаат под камен и се гази одозгора. Ако после еден месец под каменот има мравки, се верува дека годината ќе биде бериќетна, се дел од верувањата.
Како и да е, традицијата продолжува, потврдуваат и други тиквешани со кои разговаравме, со првиот ден од март како и секоја година, многу од нив добија мартинки на своите раце или ревери. Тие веруваат дека носењето на мартинките до 22 март ќе им донесе среќа и здравје во животот.
-Така е, токму поради верувањето дека овој своевиден ритуал носи радост, адетот за носење мартинки се пренесува со герерации. Така било, така е и така ќе биде секој март во годината. Веќе сме стари, а мартинки ни врзуваа на раката или на реверот уште од кога знаеме за себе, од најмали нозе, ни рекоа кавадарчанки кои изработуваат мартинки за своите најблиски, но и за роднини и пријатели.
Тие велат дека мартинките се изработуваат од бел и црвен конец, кои се сукаат на посебен начин, не е тоа само обично испреплетување на двата конца. Може да бидат од волница, но и од свилен или памучен конец. Зависи од фантазијата на мајсторот што ги изработува, тие можат да бидат за врзување на рака, како топчиња или коцкички, па и мини куклички или машнички за на ревер. Црвената боја значи крв, живот и љубов, а белата чистота, среќа, објаснија кавадарчанки.
Ни кажаа дека ги носат за зравје и среќа, а учениците плус и за успех во училиште, младите за среќа во љубовта и нивните сакани да се лепат за нив како што се речиси залепени белиот и црвениот конец, а возрасните за резултати во работата и животот.
-Мартинките се носат до 22-ри март. После тоа се вадат. Различни луѓе потоа различно постапуваат со нив, иако сите натамошни ритуали, исто така, се поврзани со желбата за среќа. Едни ги закачуваат на родовити дрва што цутат за напредок, други ги ставаат под камења за плодност, кажаа тие.
Мартинки денеска се изработуваат и во Основното општинско училиште „Страшо Пинџур”. Наставничката Стефка Саздовска рече дека штом учениците забележат преселна птица, ги закачуваат мартинките на дрво за среќа.
Од МПЦ ОА за МИА изјавија дека сево ова претставува народен традиционален обичај на кој не треба да му се пристапува суеверно и не со верување дека има магиско дејство.
-Убаво е да се почитува традицијата бидејќи убаво изгледа мартинка на раката, но не треба духовно да се расипуваме и да веруваме дека неколку конци ќе имаат било какво влијание на нашите животи, ниту пак да стравуваме дека ќе има фатални последици, доколку не се почитува некое утврдено правило, велат од црквата.
Значењето на празникот Ксантика
Секој 1 март, во чест на мистериозната Баба Марта и доаѓањето на пролетта, се плетат уникатните мартинки, едни од омилените модни додатоци на младите, ни рече Томе Крстевски, етнолог во кавадаречкиот музеј. Имено, повтори и тој, мартинките се бразлетни направени од црвена и бела волница, исплетена на различни начини.
-Старите Македонци имале високо ниво на духовност, имале свои верувања и култови, но еден од најразвиените им бил култот кон Ксантика. Ниеден народ нема празник стар 3.000 години, што се задржал до ден денешен. Македонскиот народ има празник кој е наречен „Ксантика“ се слави на почетокот на пролетта од 1 до 31 март. Зборот „Ксантика“ означува светлина, виделина т.е. божица на цвеќињата, на љубовта и убавината.
Според едно предание во Ксантија бил заљубен македонскиот бог Македон, таа му била прва и чиста љубов. Но откако злите сили ја претвориле Ксантија во цвет, Македон секоја пролет ја барал својата љубов на сите ливади и полиња, покрај сите бистри потоци и реки, во сите градини во својата земја Македонија. Потрагата на Македон по Ксантија била секоја година која траела 30 дена, а за тоа време Македонците го прославувале празникот (простувајќи и посакувајќи исполнување на желбите). Во чест на оваа необична и несреќна љубов на Македон и божицата Ксантија, Македонците првиот месец на пролетта го нарекле Ксант, а пролетниот празник Ксантика.
Ксантика е инаку една од најсветлите обележја на старо-македонските народни обичаи, што со својата магична моќ ги обединува душите на целиот народ во борбата за подобар живот, раскажа Крстевски.
За жал, рече, денеска овој празник скоро и да не се прославува.
-Македонските војници, Ксантика ја славеле облечени во свечена македонска облека, пееле и играле македонски песни и ора, со што се истакнувала уметноста на нашиот народ. Денеска, делови од овој празник може да пронајдеме во празнувањето на Прочка, Младенци, Благовец, Лазарица, Цветници и неколку други празници што се прославуваат во текот на пролетта.
Целиот овој обичај доаѓа од празникот Ксантика на кој нашиот народ верувал дека се случува „прочистување на душата“ простување на гревовите, но и доминација на разбудената пролетна светлост над зимската темнина. Затоа мартинките освен како бразлетни се прикачуваат и на облеката, во домот, се носат како привезоци од 1 март, па се до расцветувањето на првото дрво како предвесник на пролетта, а потоа се верува дека треба да се закачат на дрвото со желби за добро здравје. Мартинките се направени од две бои, белата боја ја симболизира чесноста и невиноста, а црвената, светлината и љубовта во животот, нагласи етнологот.
Светлана Дарудова за МИА