СДСМ двојно го зголемил својот партиски буџет за само една година.
Од милион евра (61.985.575 денари) приходи кои ги остварил во 2017 година, ланската 2018 година партијата на власт ја завршила со приходи во вредност од два милиони евра (122.930.706 денари).
Освен изборот на Стево Пендаровски за кандидат за претседател, на Конгресот во Александар Палас зад затворени врати на седница на Централниот одбор СДСМ го разгледувал и годишниот финансиски извештај на партијата за периодот од 1 јануари до 31 декември 2018 година.
Најголем дел од зголемувањето на приходите се должи на огромно зголемување на парите кои СДСМ ги добива од државниот буџет. Партијата во 2017 година од државата добила 295 илјади евра, додека лани дури 880 илјади евра.
За разлика од буџетските пари, во 2018 година партијата собрала помалку пари од члеанарини од претходната година (лани од членарина биле собрани 223 илјади евра, додека во 2017 – речиси 340 илјади евра).
Но поинтересно е на што партијата трошела во 2018 година. Еве ги бројките. Партијата редовно секоја година троши по околу 60 илјади евра на комунални трошоци и греење и по 90 илјади евра за плати на вработените во партискиот штаб.
Лани СДСМ потрошила двојно повеќе за телефони и интерент и тоа 68,5 илјади евра, за разлика од 2017 година кога потрошила 37,5 илјади евра. Социјалдемократите за превоз и транспортни услуги во 2018 година потрошиле четири пати повеќе пари од 2017 година, и тоа лани – 162 илјади евра, наспроти 35 илјади евра во 2017 г.
Огромна разлика во трошоците има кај издатоците за реклама и пропаганда. Од само скромни 6.300 евра, лани партијата на власт потрошила дури 160 илјади евра. За репрезентација се потрошиле 17.341 евро, наспроти само 92 евра во 2017 година. Двојно повеќе пари биле потрошени за изнајмување на простор и опрема и тоа 72 илјади евра лани наспроти 36 илјади евра во 2017 година.
Се претпоставува дека овие пари се потрошиле за кампањата за референдумот за промена на името од 30 септември. Од годишниот финансиски извештај се гледа и дека двојно се зголемени и неименувани други расходи на партијата и тоа од 413 илјади евра во 2017, на 844 илјади евра во 2018 година. Како вишок од 2018 година за оваа година останале 332 илјади евра од партискиот буџет.