Во имињата Република Македонија се заменува со Република Северна Македонија, а придавката „македонска“ се заменува со „национална“. „Македонска“, односно „македонски“ останува во имињата на Музејот на мекедонска борба за сувереност и Македонски народен театар.
Десетици институции ќе добијат нови имиња, табли, логоа, веб-страни и документи по промената на државното име. Според упатствата на Владата, Јавното радиодифузно претпријатие Македонска Радиотелевизија Скопје ќе треба да го промени називот во Јавно радиодифузно претпријатие Национална Радиотелевизија Скопје, Македонската информативна агенција (МИА) се преименува во Национална информативна агенција, Националната установа Македонска Филхармонија ќе стане Национална Филхармонија, Македонска Радиодифузија ќе се применува во Национална Радиодифузија, а Македонската опера и балет во Национална опера и балет.
Нов назив ќе добие и Музејот на македонската борба за државност и самостојност – Музеј на ВМРО и музеј на жртвите на комунистичкиот режим кој во иднина ќе се нарекува Музеј на македонската борба за самостојност. На листата се наоѓаат вкупно 136 институции.
-Владата на денешната седница донесе одлука да ги задолжи сите институции да извршат промена на јавните табли на своите влезови во однос на името на државата, согласно амандманите 33, 34, 35 и 36 од Уставот, Уставниот закон за спроведување на амандманите и Законот за употреба на јазиците, информираат од Владата.
Одлуката, како што соопшти владината прес-служба, е донесена по предлог на Меѓуресорската работна група за извршување на обврските од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните.
Владата на седницата ги задолжи институциите да извршат и проверка дали се променети сите дигитални записи (логоа, меморандуми, електронски комуниказии, веб-странци, медиуми,…), како и меморандумите, печатените материјали, папките, индикаторите, согласно заклучоците број 4 и број 5 од 120. седница, и во рок од седум дена до Меѓуресорска работна група да достават збирен извештај дали е извршена бараната измена и до кој степен.
Со листата се опфатени вкупно 136 институции.
Целата листа е достапна на владината интернет страница.