Рудникот за олово и цинк Саса целосно ќе ја плати операцијата на рударот Венцо Велков од Македонска Каменица, кој утре ќе биде опериран во приватната клиника „Аџибадем Систина“. Велков по повредата пред четири години боледува од дискус хернија, а за неговата операција беа потребни над 13.500 евра.
Пред да пристигне помошта од рудник Саса, за помош на Велков се организираа неговите сограѓани кои со помош на иселениците собраа околу 5.000 евра. Велков денеска јавно се заблагодари до сите хумани граѓани како и до раководството на Саса кое ја уплати целата сума за неговата операција.
-Рудникот Саса ја уплати целата сума за операцијата, додека останатите средства што беа собрани ќе бидат искористени за рехабилитација од оперативниот зафат. Освен на рудник Саса, упатувам голема благодарност до иницијаторите за акцијата, моите сограѓани Дарко Гоцевски и иселеникот Сашко Аралампиевски кои доста помогнаа акцијата да се прошири и за краток рок да бидат собрани потребните средства за рехабилитација, истакна Велков.
Досега Велков има направено осум операции од кои како што вели немало никаков ефект, а деветтата операција ќе ја направи познатиот македонски хирург Јовица Угриновски. Доколку не беа собрани средствата за операција рударот Венцо Велков ќе останеше траен инвалид на левата нога.