ВМРО-ДПМНЕ: Преку 500.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата, власта мора да си замине

/ 10.03.2019

ВМРО-ДПМНЕ го обвини СДСМ дека ја уништува македонската економија и дека сиромаштијата постојано расте.

-Криминалната власт на СДСМ и Зоран Заев ја уништи македонската економија и им донесе сиромаштија на македонските граѓани. Додека државата се наоѓа на економското дно, функционерите на криминалниот картел се богатат на грбот на граѓаните користејќи државни грантови, тендери и ги вработуваат своите блиски во државните институции за плати кои обичните граѓани само ги сонуваат, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека СДСМ тотално потфрлил на економски план.

-Заради лошите економски политики на власта, граѓаните се борат за парче леб, а доколку продолжи ваквиот тренд половина од граѓаните благодарение на СДСМ ќе бидат доведени на питачки стап. Откако криминалниот картел ја води државата постојано расте сиромаштијата. Преку 500.000 граѓани живеат под прагот на сиромаштијата, а власта дополнително удира по нивниот џеб и си ги згрижува своите мајки, татковци, сестри, браќа но и фризерки со парите на граѓаните, велат од партијата.

Оттаму потенцираат дека власта, која велеше дека немаше да се задолжува, го направи токму спротивното и како резултат на нивните секојдневни задолжувања за прв пат јавниот долг надмина 5 милијарди евра и ја премина психолошката граница од 50 проценти.

-Додека економиите од регионот бележат значителен раст, македонската е убедливо последна со мизерен раст од 2,05 процент, а Заев лажеше дека тој ќе изнесувал меѓу 5 и 7 проценти. Дека СДСМ се неспособни говори и фактот што во јануари реализацијата на капиталните инвестиции изнесува срамен 1 отсто, а извозот бележи пад од 1,9 проценти споредено со минатата година. Да биде уште потрагично имаме пад од дури 12,6 проценти во ИТ индустријата. СДСМ докажа дека не се способни и не знаат како да креираат добра бизнис клима. Ги урнаа сите економски индикатори, а единствено раст донесоа кај даноците и корупцијата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од најголемата опозициска партија потенцираат дека економската катастрофа која и ја приреди СДСМ на Македонија мора да запре.

-Граѓаните не смеат да живеат на работ на сиромаштијата. Затоа СДСМ мора да си замине. Република Македонија и македонските граѓаните заслужуваат подобро, заклучува ВМРО- ДПМНЕ.


Од истата категорија