Пред осум години, со колегата Дарко Андоновски отпатувавме во Лерин, Воден и Соботско со цел да направиме економска репортажа од овие три места за тоа како економската криза ја погодува Грција. Немавме цел да бараме Македонци, ниту да правиме политичко-етнички репортажи. Сакавме да видиме како живее обичниот просечен Грк погоден од економската должничка криза.

Бргу се покажа дека тоа едноставно не е можно. Доволно беше некој да не чуе на кој јазик разговараме меѓу себе, да го види автомобиллот и работата тргнуваше во друг правец. 

Овие осум години стари репортажи му ги посветуваме на тимот Заев-Димитров-Бошњаковски за кои Македонците во Грција се „одредена категорија луѓе“, а нивнот јазик ние не сме смееле да го одредуваме зашто ќе сме мешале во внатрешните работи на Грција Ете, и јас и другиот Дарко не сакавме да бараме Македонци и македонски јазик во Грција, ама во овој дел од јужниот ни сосед, тие едноставно се појавуваа и извираа од секој агол. Што да правиме…! Еве го и третото продолжение од овие репортажи.

Дарко Јаневски

Се враќаме назад во Соботско, а при тоа минуваме крај палатата на некој кардиолог кој своевремено бил фатен на граница кога се обидувал од Грција да изнесе 50.000 евра во готово. Муабетот за даночната евазија за момент го забораваме кога нашиот домаќин, објаснувајќи ни за каков лекар станува збор ни рече: – Ова е куќата на еким за срце! Така му останало од баба му и мајка му. А, нам, одеднаш ни станува топло околу срцата

Од Соботско (Аридеа на грчки) не очекуваме никаква убавина. Гратче со 8.000 жители кое, според нашата перцепција, би требало да биде запустено или во фаза на запустување. Но, некако, согласно таа замисла, не приличи такво гратче да има широк пат по кој се доаѓа до него, со четири ленти, а на средината километарски алеи со преубави цвеќиња за кои, очигледно, локалната власт секојдневно се грижи. Си велиме, можеби е тоа, сепак, остаток од старите добри времиња кога Грција трошеше со двете раце. Влегуваме во градот, на почетокот стандардни за едно предградие дуќани и продавници за авто делови, свртуваме налево и одеднаш, како оаза среде пустина, изникнува преубаво мало место. Го паркираме автомобилот, излегуваме и се вртиме околу себе. Ако е вака среде економска криза, тогаш како ли е кога во земјата има развој? Приквечерина е во втората половина на мај, топол ден кој заминува, а градот не потсетува на било кое убаво приморско место во кое луѓето, по краткиот одмор од безделничењето на плажа, ја облекле својата летна облека и излегле да прошетаат низ лавиринтите од локали, кафулиња и новоизградени куќи со фасади во светла боја.

ИСТО КАКО КАЈ НАС

Како и во Лерин и Воден, и овде имаме пријател кој не пречекува. Што си? Всушност не го ни прашуваме. Македонец. Кој јазик го зборуваш? Македонски! Работел цел ден, но свеж е и орен за муабет. Пред да седнеме и на раат да се расприкажеме, сака да не однесе до крвотокот на Соботско – топлите бањи кои се викаат „Пожар“. Познат ви е зборот? И, некогаш, биле сопственост на Македонец.

За кратко ја напуштаме низината во која е сместено Соботско и тргнуваме кон висините на Кожуф. Со секој изминат километар нагоре, се чувствува како навлегуваме во свежината на планината. Доаѓаме до бањите опколени со густа шума, кои за нас се нешто ново. Од висините на планината се слеваат студени и обилни води, а од утробата на земјата извира топлина. Група луѓе се капат во таа топлина додека крај нив минува студената Бела река. Еден час „лупење“ на кожата во топлата вода чини две евра, доколку сакате тоа да биде на отворено, а за пет евра можете да добиете еден час во некоја од термалните куќички. Зошто се наплаќа на час, прашуваме, а нашиот водач ни вели дека повеќе не е ни можно да се остане во водата. Над реката се вее грчкото знаме и Сонцето од Вергина во својата сина варијанта. Ги замислуваме Негорските бањи од другата страна, но не можеме да добиеме ни приближна слика на оваа овде. Туристичката експанзија е во последните години, ни објаснува домаќинот, кога и многу од тоа што го гледаме е изградено. Насекаде нови мали ҳотели и таверни, и луѓе кои по изминатиот ден седат на терасите. Сепак, кризата добро погодила многумина кои сакале да инвестираат. Зеле кредити за изградба на туристички пансиони или куќи, а потоа едноставно не можеле да ги вратат. И државата го сменила своето однесуваее. Порано било многу полесно да се добие документ дека изградениот приватен објект ги исполнува предвидените стандарди. Сега, едноставно веќе не е така. Сето тоа довело, сега, голем број објекти да се во сопственост на грчките банки кои ја задржаа солидноста и во овие години. Останале и долговите на општината која вложила во развојот на местото, а нашиот пријател ни кажува дека наголемо се зборува и за преплатени цени при градбата на некои објекти. Како да се градело во Република Македонија, си велиме.

ГРОЗЈЕ ЗА 8,5 ДЕНАРИ

Се враќаме назад во Соботско, а при тоа минуваме крај палатата на некој кардиолог кој своевремено бил фатен на граница кога се обидувал од Грција да изнесе 50.000 евра во готово. Муабетот за даночната евазија, која е раширена во Грција, за момент го забораваме кога нашиот домаќин, обидувајќи се да ни објасни за каков лекар станува збор ни рече: – Ова е куќата на еким за срце! Така останало од баба му и мајка му.

А, нам, одеднаш, некако ни станува топло околу срцата. Зборот еким, во Република Македонија не се употребува веројатно цел век, освен во Македонските народни приказни. Кај него, тој збор останал како наследство од неговите родители и неговите баба и дедо. И се пренел и зачувал до денешните денови.

Стигнуваме во Соботско и шетаме по улиците околу центарот. Луксузни бутици како и во Солун, кафулиња и ресторани на секој чекор. И мирна, туристичка атмосфера. Во самиот центар има и некаков клуб на пензионери, пред кој неколкумина старци играат шаҳ. Овде, го нема брзиот живот забележлив во Воден.

Влегуваме во продавница за овошје на некој Грк, и купуваме диња, која го шири својот мирис и надвор од продавницата, за две евра за килограм. Колку за мерак.

Потоа седнуваме на тераса која се наоѓа на првиот спрат од еден ресторант. Оттука, имаме поглед кон неколку блескави бутици отспротива пред кои седат повеќе девојки – продавачки и пијат кафе. Постојано гледаме кон бутиците, но никако да забележиме купувач. Во меѓувреме разговараме.

– Тука доаѓаат и луѓе од Република Македонија, главно од пределот меѓу Кавадарци и границата. Има и Руси, но најмногу гости се Грци. До пред три години цената на земјиштето за градење достигаше енормни височини, но сега, поради кризата, цените паднаа. Околу Соботско гравитираат 48 села, во кои луѓето се занимаваат со земјоделие. Во годините кога работите одеа добро, добро и се печалеше и можеше да се гради. Сега, атмосферата се смени – вели пријателот.

Го прашуваме за ударот на економската криза врз земјоделието, а тој ни раскажува дека до нејзиниот почеток, грозјето се откупувало и по 22 центи за килограм, за потоа цената да падне на 10 центи (6,16 денари), па да се зголеми на 12 центи, а минатата есен килограм грозје да се откупува за 14 центи или околу 8,5 денари. Се обидуваме да замислиме што би се случило кај нас ако на лозарите им биде понудена таа цена.

– Кризата полека почнува да не јаде. Како држава должиме премногу пари и не гледам како би можеле да ги вратиме. Мислам дека ќе мораме пак да ја воведеме драҳмата. Можеби тоа ќе ни биде спасот – објаснува нашиот домаќин (тоа беше 2011 година, но сепак мислевме дека  е подобро да не му го соопштиме идентитетот и колку за информација на тројката Заев, Димитров, и „убавиот“ мустаќ на Бошњаковски, со овој човек од „одредена категорија“ луѓе во Грција кој зборува јазик кој ние не знаеме кој е, се разбиравме како да сме среде Скопиа).

ВОДОМЕР ВО БУНАРИТЕ

Минатата година, само ретки откупувачи успеале да го платат откупениот род до Божик.

– Има луѓе кои се уште не ги зеле парите за овошјето што лани го предадоа. Порано не беше така. Сега, се чувствува дека кризата во државата се одразува на работењето и на приватните фирми. Едноставно, има се помалку пари. Од неодамна, државата почна  да става водомери и по селата кои користат изворска вода од планината. Се наплаќа и водата од бунарите. Тоа досега никога{ не било случај. Кој можел да му каже на селанецот дека треба да ја плаќа водата што во куќата му доаѓа директно од планината. Тоа не е ништо друго освен знак дека на Грција и се потребни многу, многу пари, а нив ги има се помалку – ни вели.

Ги разгледуваме цените од менито. Во вакво туристичко место, тие би требало да бидат прилично солени. Нарачуваме по три парчиња скара, пребогати со три вида прилог, и неколку вида салати. Ни останаа во душата топеното сирење со домати во него и црвените потпечени пиперки потопени во оцет со лук. Еҳ, пусто Македонче, не е битно од која страна на границата живее, не може без пиперки. Пиеме и по неколку голтки рицина, за чест, зашто нас не чека ноќно возење кон Скопје. Се изненадуваме кога вкупната сметка изнесува 35 евра.

Веќе е мрачно. Пријателот не советува да заминеме кон границата по планинските патишта кои се паралелни на граничните планински врвови, наместо да одиме кон Воден, а оттаму на автопатот Солун-Гевгелија. На лист ҳартија ни ги запишува сите села крај кои треба да минеме во наредниот час и половина. Не испраќа со гајба кајсии која чини 10 евра, зашто таков бил адетот. Грчки или македонски? Не э битно, гости не се пуштале да заминат со празни раце.

Заминуваме следејќи ги неговите упацтва. Возиме по планински пат со многу кривини, но пат на кој нема ниту една дупка. На два пати имаме потреба да прашаме за правецот и обата пати налетуваме на Грци. Немаме никави проблеми, и за кратко излегуваме на самата граница. По неколку минути, го оставаме зад нас регионот Централна Македонија и влегуваме во Република Македонија. Овде веќе никој не зборува за криза. Кога таа трае повеќе од 20 години, станува редовно секојдневие.