Стефан Мандалов Манданата веројатно најдобро го знаете по улогата на Петре Прличко во славниот филм Мис Стон. Манданата загинал по Илинденското востание, на 26 години, а не како што е претставено во филмот при битка со Турците додека траела аферата со жените. Но, што се случило со останатите членови на неговото семејство?
Дарко ЈАНЕВСКИ
Манданата (во средина) на фотографија од 1901 г.
Член на ТМОРО, задолжен за чување и распоредување на оружјето во Стојаково, бил и чичкото на Стефан Мандалов Манданата, Никола Гого Мандалов, кој по Солунската афера во 1901 година бил осуден на 14 месеци затвор во ‘Еди Куле во Солун.
Братот на Стефан, Димитар-Мито, бил Илинденец кој во четата на Коста Попето од Гевгелиско се борел во Крушево. На тргнување четата броела седумдесет борци, крушевската епопеја ја преживеале само десет од нив, меѓу кои и братот на Стефан, Мито. Иако илинденец, умрел во голема сиромаштија во 1957 година. Интересни се сеќавањата на неговиот син Фиљо, кој кажувал дека по бугарската окупација 1941 година, татко му Мито отишол кај околискиот управител да му презентира доказ дека бил учесник во создавањето на Крушевската Република. Некој службеник по име Давитко, кога го видел доказот му рекол: ‘Добро, Мито, што сакаш сега, Овде ти пишува дека си се борел за Македонија, а не за Бугарија’. Така Мито си заминал дома со празни раце.
Братучедот на Стефан Мандалов, Филип, бил член на четата на славниот гевгелиски војвода Леонид Јанков, а една од акциите во која тој учествувал била ликвидацијата на шпионот Христо Костадинчев.
Посебна е приказната за синот на Стефан Мандалов-Манданата, Стојан, роден 1897 година кој бил гевгелиски автонимистички војвода, а бил убиен од српската окупациска власт во 1933 година. Неговата смрт, весникот на македонската емиграција во Бугарија ја проследува со зборовите: ‘Смрт на македонскиот херој’!
‘Тој не е последен од семејството што имал, проблеми со властите на оваа територија. Семејното спокојство не го наоѓаме ни по 1945 година, кога е следен, уапсен и осуден е Иљо Мандалов, како член на вмровска група, заедно со уште деветмина други стојачани’, раскажуваше своевремено Перо Мандалов, потомок на Стефан Манданата, во разговор со авторот на овие редови, истакнувајќи дека оваа држава, конечно треба да му оддаде почит на Манданата.