Во Кривопаленчката чета на војводата Петар Ангелов, освен од Македонија, имало комити и од Бугарија, но и Чехот од Прага Антон Хашек и Австриецот од Грац Рудолф Голијат.

Тоа се факти кои не сме ги учеле в училиште.

– И кога некој ќе каже ВМРО (историското) прво што си помислуваат луѓето се камата и револверот, Слобода или смрт и ликот на Гоце Делчев. А колку била голема таа идеја, колку луѓе ги положиле своите животи, и тоа не само од Македонија, колку младости овенале по планините во семожни услови, гладни, смрзнати, гонети, далеку од дома… Колку нервози, колку пцости меѓу нив, па помирувања, а некогаш и не… можеме само да претпоставуваме, пишува на Фејсбук профилот ВМРО.

Петар Димитров Ангелов е роден на 29 јули 1878 година во Хасково, Бугарија. Завршил воено училиште. Во редовите на ТМОРО бил привлечен од страна на Михаил Герџиков. Учествувал на Конгресот на Одринскиот револуционерен округ што се одржал во месноста Петрова Нива, на 11 јули (стар стил) 1903 година. Таму бил назначен за војвода на чета. По Илинденското востание, од страна на Организацијата бил назначен за војвода на чета во Паланечко.

Учествувал како делегат на Првиот конгрес на Скопскиот револуционерен округ на Организацијата, во јануари 1905 година. Учествувал и на Вториот скопски окружен конгрес, во 1906 година, каде бил избран за член на скопскиот окружен комитет на ВМОРО.

Убиен е во Софија на 9 август 1923 година.