Судијата Владимир Панчевски вечерва објави дека ако јавниот обвинител Љубомир Јовевски не постапи по допрен глас, тој лично ќе поднесе пријава против претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска поради непочитување на актите со кои се регулира презумпцијата на невиност.
– Ова да не ти било клевета, туку кривично дело. Несовесното работење од чл. 353-в од Кривичниот законик, со повреда на посебниот пропис чл.69 од Законот за спречување на корупција. Селективниот Јовевски слуша ли или е наглув, па „гласот не допира до него“? Е, па претседателке, аирлија нека ти е, за ова ќе размислам дали да поднесам… ако на Јовевски не му допре гласот, објави судијата Панчевски на Фејсбук.
Како што веќе пишувавме минатата недела Државната комисија за спречување на корупција објави дека по сопствена иницијатива одлучила да отвори предмет за злоупотреби и коруптивни дејства на судиите Владимир Панчевски, Јово Вангеловски, Александра Зафировска, Светлана Костова и Софија Лаличиќ.