Државната комисија за спречување на корупцијата следи дали се почитуваат забраните за постапување на државните органи во изборниот процес и текот на изборната кампања за претседателските избори и предвремените локални во три општини.
Антикорупционерите ќе ја контролира и злоупотребата на државни средства и ресурси за потребите на кампањата, а ќе ја следи и законитоста на финансирањето на изботните кампањи. Засега немаат поведено ниту една постапка поврзана со изборниот процес. Од Комисијата апелираат граѓаните, медиумите и граѓанските организации да пријават доколку забележат случаи на прекршување на забраните утврдени во законот за спречување на корупцијата и Изборниот законик.
-ДКСК во функција на следење и контрола на законитоста на финансирањето на изборната кампања и севкупниот изборен процес ќе остварува непосредна соработка со медиумите, здруженијата на граѓани, и со граѓаните и за таа цел ја охрабрува целокупната јавност навремено да ги пријави случаите на кршење забраните, рече претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.
Таа вели дека за да покренат случај, не е доволен само збор туку оти ќе треба да се приложат и конкретни докази како фотографии или изјави од сведоци, доколку станува збор за злоупотреба на државни ресурси за изборна кампања. Доколку некој сака да пријави случај, рече, на веб страницата на Комисијата има Пријава која треба да се пополни и поднесе, а има и регистар на возила од државни органи, јавни претпријатија, локална самоуправа, кои можат да се пребаруваат по регистарска таблица.
Од Антикорупциската комисија потсетуваат дека во предизборниот период не смее да се почне било каква изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови што не се редовни месечни исплати, а не може да почне ниту постапка за вработување нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, информира Државната комисија за спречување на корупцијата.
Не може да се почне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година.
Не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови што не се редовни месечни исплати, ниту да се отуѓува државен капитал, а не може да се почне постапка за вработување нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции. Почнатите постаапки треба да се стават во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.
Во периодот од 20 дена пред почеток на изборна кампања, па до завршување на изборот на претседател и до завршување на изборите за избор на градоначалник, не може да се одржуваат јавни настани по повод почнување на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен
капитал.
Под забрана за одржување јавни настани, велат од ДКСК, не се подразбира особено давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање.