Европската Комисија ја отфрли граѓанската иницијатива со која се бара од Европската Унија да и стави крај на трговијата со израелските колонии во палестински територии, јави МИА од Брисел.
Европската Комисија процени дека оваа иницијатива е надвор од надлежностите на европската извршна власт, согласно повелбите на ЕУ.
Организаторите на оваа иницијатива бараа од Европската Комисија „формално да признае дека тргувањето со израелските колонии е забрането и за Европската Унија и за земјите членки“.
Европската Комисија отфрлањето го образложи со фактот дека за да може да се усвои правен акт за ова прашање во рамките на Советот, предлог кој се однесува на прекин или намалување на економските односи со трета земја е надлежност на Европската служба за надворешни работи, а не од Европската Комисија, така што таков предлог би морал да дојде од Службата за надворешни работи.
Граѓанската иницијатива е отфрлена поради тоа што не ги исполнува критериумите, но ЕУ потсетува дека нејзиниот став за израелските колонии останува ист: колониите се нелегални според меѓународното право и претставуваат пречка за мирот.
-ЕУ повторува дека строго се противи на политиката на колонизација на Израел, соопшти Европската Комисија по отфрлањето на граѓанското барање.
Од 2012-та година, граѓаните на Европската Унија имаат можност да поднесат граѓански иницијативи до Европската Комисија за да побараат таа да изготви законодавство во рамките на нејзините надлежности. Европската граѓанска иницијатива треба да собере еден милион потписи од европски граѓани кои доаѓаат од најмалку една четвртина од земјите членки на ЕУ. Европската Комисија ги прифаќа само иницијативи за кои е надлежна да поднесе предлог-закони согласни европските повелби.