Собирање деца за јаничари

1567 год.
…Во оваа година по сета земја собираа за јаничари, а потоа и за пасишта. И беше луто зло… и многу зла во таа година имаше. Тешки прежалосни години…

Скакулци, облаци скакулци

1711 год.
Во тоа време долетаа од источните краишта скакулци големо множество. Кога летаа големи изгледаа како некои птици и сонцето го затемнуваа како некој облак. Беше месец август, 4 ден, петок. Многу од нив фативме. Имаа по четири ката крилја… На многу места житата ги сотреа.

Писмо до султанот

17 април 1712 год.
До Неговата екселенција, честитиот и милостивиот наш господар, да биде здрав.

Овие робови – зимии што се раја на селото Брусник, кој е еден од хасовите на нашиот честит господар, се жалат.

По борбата против Хибетулах дојде Арнаутинот Аламан-оглу со илјада Арнаути и петстотини коњи и во нашето село престојуваше три дена и две ноќи. Бидејќи имаше намера да се бори со шумарот Осман-ага, сите наши куќи лозја, бавчи, станаа градобрани.

Илјада Арнаути и петстотини коњи се хранеа три дена и две ноќи. Споменатиот Алман-оглу ни го ограби сиот имот и храна. Останавме скудни за едно зрно. Дојдовме во Битола и кога ја објаснивме нашата положба ни се рече: „Вам ви е направен зулум и нема да давате ниту едно акче данок за две години. За ова ни се даде шеријатски хуџџет.

Сите вилаетски ајани и сегашни спахии не се држат на хуџџетот кој ни е даден и бараат повеќе даноци отколку што е можноста на нашето село. Се моли Неговата екселенција, честитиот наш господар да го разгледа хуџетот што е во наши раце.

Бидејќи немаме никаква можност за давање, очекуваме решение од честиот наш господар. Ако не се држат за хуџетот што е во наши раце, сите робови – рајата, ќе се разбегаат и нашето село ќе се запусти. За кафтанбега ни зедоа 2.700 акчиња, за араба 1.240 гроша. Толку вкупно зедоа. Ние робовите на оваа раја немаме други можности. Последниот збор ќе го даде ферманот на нашиот господар.

Неговите робови, рајата на Брусник.

Болеста и блага зима

1738 год.
Страшна година беше. Чумата ја надви сипаницата. Зимата беше добра, снег немаше, имаше сосема малку.

Скапија, голема скапија

1780 год.
…Се стори скапија. Килото пченица надмина 20 гроша, а ржта осум гроша. Храната за имањето се стори скапа, сеното надмина над три пара оката.

Рана зима скапија, глад

1788 год.
Да се знае кога беше рана зима… и глад имаше, шиник по грош…

Оштра зима, скапија

1813 год.
…Зимата беше тешка и мошне студена и мразови страшни и скапија голема: килото пченица 45 гроша, просото 22 гроша, маста 3 гроша, а волната 30 пари. Тогаш падна крв на Пелистер и многу мака видовме за храна на имањето.

Пушки за Брусник

4 септември 1837 год.
На заповед на Неговата екселенција маршалот, со гаранција на касиерот Хусеин-ага, дадени се две пушки на рајата од село Брусник.

Драгорот дотече

1855 год.
Во годината што измина Драгорот дотече. Со силна и страшпна вода ги однесе мостовите и дуќаните.

Суша, глад

1874 год.
Голем глад имаше. Ова лето немаше никаква бериќет… Сушата беше страшна, а и лозјата беа осланети.

Умирање од глад

1875 год.
Имаше многу, многу глад. Беше се чуло народ да умира од глад.

Брусничка цреша и костен

Втора половина на 19 век. Од производите на Битолскиот вилает на прво место заземаат брусничката цреша и костени, буковскиот црвен пипер, охридската риба, прилепскиот тутун, петелското, суровичкото, кожанското вино…

Плаќање на одземен добиток
Денес италијанската команда му предаде на началникот од Битолската околија 15.373 лири (динари) за одземениот добиток од селата Лавци, Брусник и Нижополе за исхрана на војската.

Од книгата „Брусник“ од Александар Стерјоски, Брусник, 1992. (Подготви Марко Китевски)