Дарко ЈАНЕВСКИ

Деновиве беше одбележана годишнината од Солунските атентати на славните гемиџиџи, па еве еден факт кој не е ново откриен, напротив, но веројатно малку е познат на пошироата јавност.

Иако идејата за тероризам на гемиџиите ја уживала наклоноста на Делчев и Борис Сарафов, тоа не било така со сите челници на ВМРО. Нетрпелив кон солунските атентатори бил и Даме Груев. Според сеќавањата на костурската легенда, Васил Чакаларов, тој предложил ликвидација на гемиџиите, бидејќи тие не сакале да почекаат акцијата да биде спроведена по кревање на Илинденското востание.
‘Ѓавол да ги земе’, велел Даме. ‘Јас уште од кога заминав од Солун (по последната среба со Делчев во Солун по која последниов загинува во Баница, н.з.) тие пакосници се фалеа и не’ дочекаа до денот на востанието, тие не чинеа повеќе од 250 лири. Тие се околу 15-16 души неразбрани луѓе… Секогаш така ни се закануваа. Јас предложив да ги убиеме, но и тука се сретнав со тешкотии, не можеше да ги соберам сите, а поединечно ни беше невозможно, зашто пак ќе ги исполнеа своите планови, и ете што направија, ѓавол да ги земе’, ги пренесува Чакаларов зборовите на Даме во Смилево на 19 април 1903 година, по веста дека во Солун се извршени атенатите.

Греув, како и Гарванов, кој бил противник на атентатите, се плашел од погром врз населението во Солун по нивното извршување (што и се случило), но и од провали во ВМРО на само неколку месеци пред востанието  кога тие сакале да создадат впеаток кај Османлиите дека веќе не се активни зашто немаат сила. Оттука, сметале дека атентатите само ќе пречат на востанието, па поради тоа и идејата гемиџиите да бидат ликвидирани.

Наспроти тоа, тие уживале заштита од Делчев и Сарафов кои им дале и пари, со тоа што едни извори тврдат дека тоа го сторил Делчев, од средства добиени од откупот на мис Стон, а Сарафов се фалел дека тој им ги дал парите.