Верниците од исламска вероисповед денеска го почнуваат рамазанскиот пост, што трае 29 дена до 3 јуни.
На 4 јуни тие ќе слават Рамазан Бајрам.
Муслиманите следат лунарен календар и заради методологијата на набљудување на Месечината, различни држави објавуваат различен почеток на Рамазан со еден или два дена разлика.
Муслиманските верници во балканските земји, како и држави од Југоисточна Азија – Индонезија и Малезија и поголем дел од Блискиот Исток, меѓу кои и Египет, Ирак и Саудиска Арабија од денеска го одбележуваат најважниот за Исламот месец на пости – Рамазан.
Милиони други муслимани во држави како Индија, Пакистан и Иран ќе почнат со пости од утре поради поинакво толкување на фазите на Месечината.
За време на Рамазан обврзно е да се пости, и тоа се смета за еден од столбовите на исламот. Се бара од верникот целосно воздржување од јадење и пиење и телесно задоволства од изгрејсонце до зајдисонце. Се чита поинтензивно Коранот и молитви. Исклучот од постот се дозволува за деца, стари лица, болни, бремени жени и тие кои патуваат.