Во Кривичниот суд во Скопје денеска треба да се одржат судења за „Маџар телеком“, „Титаник“ и „Титаник 3“ на Специјалното јавно обвинителство.
Предметот „Маџар телеком“ ќе продолжи со сведочење на професорот Борче Давитковски. Минатото рочиште беше одложено поради здравствени проблеми на сведокот Стевица Јосифовски, а тој, по барање на обвинителката Лиле Стефанова, ќе сведочи на 19 јуни. Стефанова образложи дека треба да се подготви за неговото сведочење, бидејќи истиот во 2009 година во Јавното обвинителство дал исказ дека во тек е независна внатрешна истрага одобрена од одборот на директори на компанијата, и нагласил дека по истрага ќе можел да се произнесе.
Случајот „Титаник“ се наоѓа во доказна постапка и се изведуваат докази предложени од СЈО. Станува збор за околу 5.900 материјални докази. Се презентираат лични документи, како барања за издавање лични карти, изјави за ополномоштени лица, извадоци од сметки, потврди и други документи.
Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Судење денеска треба да се одржи и за случајот „Титаник 3“ во кој се обвинети Ејуп Аљими и Исмет Гури од ДУИ. Тие се товарат дека како членови на Општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништувале изборен материјал.