Макпетрол АД Скопје од ноќеска на полноќ за еден денар ќе ги намали малопродажните цени на бензините, цената на дизел горивото ќе поскапи за половина денар, а на екстра лесното масло за домаќинство за два денара по литар.
– Ultra 95+ Economy ќе се продава по цена од 71 денари за литар, Ultra 100 Race Pro за 73 денари, Ultra Diesel Green Power за 64, Ultra Diesel Bio Power за 65, а Екстра лесното по цена од 54 денари за литар, соопшти Макпетрол.
Методологијата по која „Макпетрол“ АД Скопје ги формираше новите највисоки малопродажни цена на дериватите, велат од компанијата, е светски призната методологија, која во себе ги вклучува сите давачки и сите реални трошоци на компаниите.
-Согласно нашите пресметки, кога цените на нафтените деривати би се определувале по старата методологија, истите би биле повисоки од горенаведените цени кои се определени согласно Методологијата применета од „Макпетрол“ АД Скопје. Имајќи го предвид горенаведеното, неосновани се покажаа стравувањата на одредени институции и поединци дека либерализацијата на цените на пазарот на нафтени деривати би предизвикало ценовни шокови, односно нивно поскапување, велат од Макпетрол.
Како корпоративно општествено одговорна компанија, додаваат, постојано работиме на тоа нашите потрошувачи навремено да бидат информирани за сите новости, како и да им овозможиме најквалитетни горива по најприфатливи цени.