На 19 мај 1910 година година во Штип е роден народниот херој Љупчо Арсов, кој како партизан во НОБ го носел псевдонимот Гоце, според македонскиот великан Гоце Делчев, како и повеќемина други борци против фашистичкиот окупатор кои за партизански имиња избирале личности од Илинденскиот период на Македонија.
Арсов на Првото заседание на АСНОМ во манастирот Прохор Пчински бил избран за секретар на Президиумот на АСНОМ, а потоа станал и првиот потпретседател на Владата на Македонија. Во подоцнежниот социјалистички период бил министер за труд во сојузната влада на СФРЈ, претседател на Извршниот совет на Собранието на Македонија, а од 1979 до 1982 година претседател на Претседателството на СР Македонија.
Тој по завршувањето на основното образование во Штип, школувањето го продолжил во Загреб, каде во 1932 година ја завршил комерцијалната и економска школа. Потоа извесен период во Кралска Југославија бил на служба во Белград во Државната хипотекарна банка, подоцна и во Ваљево, каде ја вршел истата служба. Арсов станал член на Комунистичката партија во 1940 г.
По капитулацијата на Кралска Југославија, и фашистичката окупација во 1941 година, се вратил во Македонија. Најпрво работел во Штип, а подоцна добил задача да замине во Битола, каде работел на формирање на воен штаб, собирање борци и оружје за партизански одреди, за започнување оружена борба против окупаторот.
Летото во 1942 година бил уапсен од бугарската окупаторска власт и бил интерниран во Бугарија, каде во затвор останал до март 1943 година. По излегување од затвор продолжил со партиско – политичка работа. Во тој период во Македонија дошол партискиот инструктор на КПЈ, Светозар Вукмановиќ – Темпо, а токму тогаш во Штип се случиле неколку провали, од кои најтешка била разбивањето на партизанскиот одред Гоце Делчев.
На предлог на Темпо, Арсов станал секретар на ОК на КПЈ за Македонија во Штип, а брзо потоа успеал да го консолидира разбиениот одред Гоце Делчев.
Во јули 1943 година, кога Окружниот комитет на партијата одржувал состанок во една куќа, окупациската полиција успеала да дознае за тајната и ја окупирала куќата. По битката со стотина полицајци, неколку членови на комитетот загинале, меѓу кои и народниот херој Славчо Стојменски.
Арсов успеал да се пробие низ полицискиот обрач, но веќе било невозможно да дејствува во Штип. Поради тоа добил задача да замине во Скопје, каде како член на Обласниот комитет на КПМ бил назначен за комесар на Првата оперативна зона. Арсов дејствувал на Скопска Црна Гора и на Козјак.
Подоцна од Скопска Црна Гора се префрлил во Врањскиот партизански одред, па со една чета од тој одред се вратил назад со цел да ја присоедини со кумановскиот одред.
Во декември 1943 година повторно дошол во Скопје, каде бил избран за член на ОК на КПМ и секретар на месниот комитет, а од август 1944 година станал член на ЦК КПМ.
По завршувањето на војната, се до неговата смрт на 18 ноември 1986 година во Скопје, извршувал повеќе функции во Македонија и во тогашна СФРЈ.
(Подготвил: Д. Г.)