Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска изјави дека е сигурна кога ќе посака да оди во Косово, дека тоа ќе и биде овозможено.
Таа изјави дека не е особено загрижена од тврдењето на министерот за надворешни работи на Косово Беџет Пацоли дека ќе и биде забранет влез во Косово, бидејќи, како што рече, политичките лидери на косовските Албанци се луѓе, кои буквално имаат излезено од шума.
– Тие во униформа беа во шума, од таму излегоа и директно станаа дел од политичката елита во Приштина. Би сакала да доаѓаат од невладиниот сектор, но, не е така. Пацоли нема излезено од шума и јас сум изненадена што се почувствувал да биде повикан, рече Брнабиќ.
Според неа, лидерите на косовските Албанци се обвинети за најлоши воени злосторства, но биле ослободени бидејќи сите сведоци се убиени за време на судењето.
– Тоа се луѓе кои го попречуваат протокот на стоки, а следниот чекор е оневозможувањето на слободното движење на луѓето, иако тоа е основна цивилизациска вредност. Ако тие мислат дека тоа е во интерес на подобар живот во Косово, јас не се согласувам, изјави Брнабиќ, на заедничката прес-конференција со премиерот на Словачка, Петар Пелегрини.
Коментирајќи ја изјавата на косовскиот премиер Хашим Тачи дека нема да дозволи формирање на Заедницата на српски општини (ЗСО), Брнабиќ рече дека ова го покажува „степенот на нивната неодговорност и дека немаат никаков капацитет на институциите“.
– Формирањето на ЗСО ќе донесе мир и жал ми е што Приштина испраќа порака дека Србите таму немаат никакви права и дека тоа не е нивна земја, рече Брнабиќ.
Српските медиуми денеска ја пренесоа изјавата на косовскиот министер за надворешни работи, Беџет Пацоли, кој и порача на српската премиерка дека нема да и биде дозволен влез во Косово, се додека спроведува „расистичка и болна идеологија против населението на Косово“.