Драги Стефанија, истакнат македонски лингвист, македонист, фолклорист, новинар и публицист, почина синоќа во родниот Охрид во 86-та година од животот.
Стефанија е роден во Охрид на 10 ноември 1933 година, каде што завршил основно и средно образование. Филозофски факултет на групата македонски јазик и литература, книжевност на народите на СФРЈ и руски јазик завршил 1958 година, а 1. степен право во 1960 година. Како студент бил соработник во весникот на Скопскиот универзитет Студентски збор, а во Институтот за македонски јазик бил собирач на дијалектно градиво.
Извесно време е стручен соработник по македонски јазик за квалификувани и висококвалификувани работници и подготвителни курсеви за упис на високите школи на луѓе без матура во Работнички универзитет во Скопје.
По скопскиот земјотрес се враќа во Охрид и работи во Заводот за школство на Охридска околија, како просветен советник за училиштата од втор степен и е уредник на списанието за стручно-педагошки проблеми Актуелности – околу 3 години. Од 1965 година е дописник на Радио Скопје, подоцна и на телевизија.
Во 1967 година станува лектор по македонски јазик на Филозофски факултет во Љубљана каде што докторира во 1980 и во 1982 година станува доцент, во 1986 е избран за вонреден и во 1990 година за редовен професор по македонски јазик и литература на истоимената катедра. Од доцентурата до пензионирањето е шеф на македонистичката катедра, којашто сам ја основал, а 4 години ја води и југославистичката група.
Д-р Драги Стефанија објавува македонистички и компаративистички студии и книги во Македонија, Словенија, Хрватска, Германија, Унгарија, Полска, Украина и други земји.