Потребен ни е политички дијалог и потребно ни е помирување дома, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за порталот на албански јазик „Алмакос“.
– Без разлика на политичките интереси на различните партии, за големите прашања кои се од стратешки интерес за земјата, на долг рок мораме да имаме консензус доколку сакаме нашето општество да просперира, младите да не се иселуваат и да имаме стабилност и развој. Треба да најдеме начини за соработка меѓу сите релевантни политичари, затоа што ние сите сепак работиме за интересот на граѓаните, вели Пендаровски.
На прашање дали планира да се сретне и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски или дали планира да ги повика на средба партиските лидери, Пендаровски изразува надеж дека наскоро ќе се види и со Мицковски.
Во врска со односите на нашата држава со Грција, Бугарија и Србија, тој посочува дека ние сме единствената земја во регионот која нема отворени прашања со соседите и која ги подобрува односите.
– Како и во секоја релација понекогаш има потреба за малку повеќе труд, но со политичка волја и ангажман секогаш може да се подобрат односите. По потпишувањето на Договорот од Преспа очигледно е дека со Грција односите ни се значително подобрени на политичко и институционално ниво, како и меѓу бизнисите, а од минатата година имаме и директен лет Скопје-Атина. Имавме во минатотото добра бизнис соработка, но секогаш има простор за повеќе. Со Бугарија и Србија имаме традиционално добри односи на ниво на бизниси, туризам, работа и образование на граѓаните. С. Македонија има одлична соработка со Косово и Албанија, ние сме соседи и нормално е со соседите да имате цврсти релации, затоа што нашите институции, бизниси, граѓански сектор, па и секој од нас како граѓанин има најчесто соработка или размена во соседството, вели Пендаровски.
Според него, најповолно за регионот е и Македонија и Албанија да добијат датум за преговори, а и другите земји да се приклучат во процесот на европска интеграција. Искуството од најновите земји-членки ни покажа дека членството во евроатлантските институции е процес низ кој се реформира општеството и се подобруваат условите граѓани.
– Интеграцијата на Албанија во ЕУ е и моја желба и заложба. Јас би рекол дека не само Албанија, туку и Косово и БиХ треба да имаат јасна европска иднина и да станат членки на Унијата кога за тоа ќе бидат подготвени, нагласува Пендаровски.
На прашање дали е оптимист што се однесува до добивање датум за членство во ЕУ наесен, Пендаровски истакнува „и од претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и од високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини добивме јасна порака дека С. Македонија е на вистинскиот пат и треба да продолжиме со реформите“.
– Добивме потврда и признание дека државата направи се што се очекуваше и прашањето не е дали, туку кога ќе отпочнат преговорите. Оптимист сум за есен и очекувам како што беше наведено во заклучоците од јунскиот Совет во Луксембург дека ЕУ ќе се наврати на нашето прашање најдоцна до октомври и дека ќе добиеме датум за преговори. Заклучоците јасно наведоа дека одложувањето е поради тесната временска рамка да се разгледа извештајот и да се донесе одлука, а не поради неисполнети критериуми од наша страна. Од регионот, беше посочено на средбата, доаѓаат и добри вести, а Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија се примери како можат тешките прашања да се затвораат со храбри одлуки, вели Пендаровски.
Во врска со неговата посета на Германија тој посочува дека Германија беше и очекуваме да остане уште посилен и појасен поддржувач на евро-атлантските аспирации на Македонија.
– Германија е клучен политички и економски партнер, не само за С. Македонија, туку и за регионот. Нивните долгогодишни инвестиции во политичкиот и економскиот развој беа клучни за подобрување на нашето општество, вели Пендаровски.
На прашање кој ќе биде предложен од него како член на Судскиот совет, тој посочува дека како и за сите други назначувања кои се во ингеренцијата на претседателот ќе се труди да води консултации, со цел да избере лица кои покрај етничката припадност, со оглед на правната рамка во нашата држава која побарува правична застапеност на заедниците, критериум мора да биде, ќе бидат соодветни за позицијата, со интегритет, чесни професионалци и докажани во својата област.
Во врска со тоа дали е одлучен да не отстапи од начелата што ги прокламирал за време на предизборна кампања, Пендаровски вели дека не планира да отстапи од вредностите за кои кажал дека ќе се залага за време на изборната кампања – претседател на сите граѓани, од кој нема да се срамат граѓаните.
– Ќе бидам ликот на државата во странство, ќе работам за сите, ќе се трудам да се гледам со што е можно повеќе граѓани, а сакам да ја отворам мојата канцеларија за секој граѓанин кој има проблеми и колку можам да помогнам. Ако сакаме напредно општество, каде младите нема да се иселуваат, каде имаме истражување, развој и напредок мораме сите да работиме на правичност, солидарност и заедништво – за подобра држава за сите. Како што ветив, нема да бидам затворен во моите канцеларии на Водно, ќе одам секаде каде што ќе бидам повикан за да работиме за доброто на секој граѓанин и на државата, истакнува Пендаровски во интервјуто за „Алмакос“.