Анализирајќи го имотот на министрите Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија дошол до заклучок дека само за една година имотот на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска се зголемил „само“ за 1,3 милиони евра.
Како што е објавено, имотот на министерката Царовска во септември 2018 година вредел 212.990 евра, а сега има имот во вредност од 1.591.597 евра.
Според овие бројки на министерката Царовска треба да и се честита за големиот труд што го вложила и успешната социјална политика што ја водела за една година. Ако не во државните, барем кога станува збор за семејните граници.
Од министерството објаснуваат дека станува збор за надополнување на анкетниот лист со имот на родител, со кој Царовска не живее заедно.
– Освен земјиштето во Јастребник, коешто е новостекнато, сите други ставки во анкетниот лист се надополнување. Надополнувањето е направено за поголема транспарентност, иако по закон не треба да се пријави бидејќи станува збор за имот на родител со кој министерката не живее во исто домаќинство“, гласи објаснувањето.
Две нови ставки додала и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска Јанковска. На својата имотна листа таа го дополнила моторното возило „BRBCAN AM Outlander MAX XT-P1000 T 3 B ABS“ вредно 15 илјади евра, во сопственост на нејзиниот сопруг. Таа подигнала и кредит во висина од 25.000 евра, чиј што рок за враќање е 2024 година.
– Се работи за ново моторно возило, уредно пријавено како нов стекнат имот на брачен другар, во вредност од 927.000 денари, за чија исплата, како што е наведено во образецот на ДКСК за пријавување промени на имотната состојба, е подигнат потрошувачки кредит со рок на подмирување до 2024 година, велат од кабинетот на министерката Шекеринска, објави СКУП.
Само една ставка, и тоа без наведена вредност, дополнил министерот за земјоделство во заминување, Љупчо Николовски, а шефот на дипломатијата Никола Димитров, пак, осиромашил. Имено имотот на министерот Димитров, за разлика од другите, е намален, покажува истражувањето на СКУП.