САД го зајакнуваат ангажманот на Западен Балкан, изјави помошникот на американскиот државен секретар Вес Мичел пред Сенатот, кој расправаше за американската политика во Европа.
– Преку активна американска дипломатија и блиска соработка со Европска унија, поддржавме лидери визионери – (грчкиот) премиер Ципрас и (македонскиот) премиер Заев во постигнување на историски успех во спорот на двете земји за името. Ја интензивиравме комуникацијата со Србија и Косово. Промовираме и реформи во Босна и Херцеговина, истакна Мичел во обраќањето пред членовите Поткомитетот за Европа и регионална безбедносна соработка, Надворешнополитичкиот одбор на Сенатот.
Тој посочи дека е загрижен за протестите во Грција и во Македонија и од потенцијалното руско мешање по решавањето на деценискиот спор за името.
– Загрижен сум поради протестите и потенцијалното руско мешање. Тоа во видовме во Црна Гора, руски претставници даваа заканувачки изјави и мислам дека во Македонија има шанси Русите да се обидат да се вмешаат. Работиме на зајакнување на македонските институции, имаме одлична безбедносна соработка. Покрај тоа, познати ни се и руските методи. Очекуваме формалните процедури во Грција и во Македонија да завршат и НАТО да упати покана за членство на Северна Македонија на Самитот во јули, посочи Мичел.
Американскиот дипломат истакна дека Вашингтон утврдува и стратегија за намалување на американското присуство во Источен Медитеран.
– Работиме на тоа Грција да биде столб на стабилноста во Медитеранот и на Западен Балкан, посочи Мичел.
Тој оцени дека Европа денес е повторно сцена на сериозни стратешки натпреварувања и се соочува со притисоци на повеќе фронтови – стратешки кампањи на Русија и на Кина, рекордни бранови мигранти, иранските амбиции во Источен Медитеран и криза на доверба во европските институции
– И Русија и Кина сакаат да го скршат Западот: Русија сака да го подели, а Кина да го истисне. Посебно се агресивни во Централна и Источна Европа. Нашиот прв приоритет е да ја сузбиеме руската агресија. Во изминатите години, реваншистичкиот Кремљ се обиде насилно да ги прекрои границите, заплашувајќи ги и напаѓајќи ги соседите, покрена кампања за ширење дезинформации и кибер кампања против Западот и трупаше воени сили на зашпадните граници, истакна Мичел.
Тој додаде дека САД сакаат подобри односи со Русија, но тоа ќе се случи само ако Москва го смени своето агресивно однесување.