Сега е веќе повеќе од очигледно дека во Србија се води пропагандна војна со цел оневозможување на понатамошните ЕУ интеграции и закочување на Србија за сите времиња, изјави поранешниот министар за одбрана и некогашен лидер на опозоциската Демократска партија (ДС) Драган Шутановац, по повод изјавата на неодамнешниот началник на Генералштабот генерал-полковник Љубиша Диковиќ за состојбата во војската пред 2012 година и смената на власта во Србија.
– Во тој контекст, неопходно е прво да се глорифицира Русија, како преку изјави на офицерите, политичарите, така и преку „soft power“ пораките од филмови со проруски наратив, а потоа да се „критикува неспособната Европа“, изјави Шутановац за белградскиот весник Блиц.
Шутановац го коментира и жалењето на Диковиќ поради тоа што војската на СРЈугославија не се соочила со НАТО на Косово. Тој нагласи дека „генералот Диковиќ без срам изразува жалење што војната во Косово не заврши со копнена инвазија на силите на НАТО, бидејќи ние таа војна не би ја загубиле.“
– Како да немаше доволно жртви и материјално уништување, како Србија да не беше поразена и без копнената инвазија, изјави Шутановац. Тој посочи дека реториката што никој од одговорните луѓе не ја изговарал ниту во 1999 година, денес се пренесува преку медиумите кои се запаметени како „поттикнувачи на војната“, а чиј идеолошки пат е да се изолира Србија и да се врати во 90-тите години.