Најмалку 30 лица загинаа, а околу 60 други се повредени во индиската сојузна држава Махараштра, при уривање на брана на вештачка акумулација за вода.
Како што соопштија локалните власти, десет метри високата брана во областа Конкан, на околу 300 километри од градот Мумбај, се урнала под притисок на зголеменото количество на вода во акумулацијата, предизвикано од поројните монсунски дождови што последниве денови ги зафатија западните делови на Индија.
По уривањето на браната, се излеало големо количество вода, која однела десетина куќи и предизвикала поплави во близина на акумулацијата.
Во тек е операција на спасувачките тимови, кои со помош на кучиња трагаат по евентуално затрупани лица под наносите на вода и кал.
Властите информираа дека како последица на поројните дождови на територијата на Махараштра се урнале три ѕида, при што загинале најмалку десет лица, меѓу кои и шестмина градежни работници.
Лошото време и поројните дождови предизвикаа и проблеми во одвивањето на сообраќајот, па така само на аеродромот во Мумбај биле откажани или одложени речиси 200 летови.