Романот „Нишан“ на Блаже Миневски е објавен на кинески јазик, а издавач на делото е една од најголемите и најпрестижни издавачки куќи во Кина „Shanghai Literature & Art Publishing House“, а преводот е на Ванг Личун.
Во најавата на романот, објавена во шангајските медиуми, меѓудругото се вели дека „Нишан“ е фасцинантен роман создаден на еден мал јазик во кој на маестрален начин е раскажана голема, возбудлива приказна за животот и смртта, за смислата и бесмислата на војувањето, за љубовта и омразата, за победата како пораз и за поразот како победа.
– Приказната е раскажана сигурно и убедливо, со разоткривање на бројните противречности, предрасуди и страдања пред кои е исправено човештвото, а истовремено спонтано и вешто се наметнуваат и прашањата за односот меѓу реалното и иреалното, за природната и креираната стварност, за големата лага на фикцијата, но и за фиктивноста на глобалната вистина, се наведува во најавата на издавачот.
Освен на кинески јазик, романот „Нишан“, добитник на наградите „Роман на годината“, „Стале Попов“ и „13 Ноември“, досега е објавен и на англиски, италијански, полски, српски, ерменски, бугарски, словенечки и арапски јазик, а наскоро ќе се појави и на унгарски, шпански и романски јазик.