Концептот на основно образование е македонски концепт што ќе се имплементира во нашата држава. Обемот на предмети се намалува, но квалитетот на учење, затоа што е интегративен пристапот, се зголемува, рече денеска министерката за образование и наука Мила Царовска не споменувајќи го финскиот модел со кој всушност на почеткот од претставувањето на нејзината луда идеја с еобиде да ја замае јавноста.
Таа во гостувањето во Канал 5 телевизија посочи дека интеграцијата е позната како модел и во земјава.
-До петто одделение има интеграција на предмети, во јавни и во приватни училишта има интеграција на предмети. И професорите и учениците и родителите коишто следат таква настава препорачуваат интеграција. Зошто? Обемот на предмети се намалува, но, квалитетот на учење, затоа што е интегративен пристапот, се зголемува, нагласи Царовска.
Според неа, со интегрираното учење на историја, географија и граѓанско, учениците го разбираат контекстот во кој се случиле настаните, на која територија се случиле, какво било државното уредување и може да ги поврзат настаните, да ги стават во денешен контекст и да ги споредат.
-До овој модел стигнавме преку анализи на меѓународни организации и институции, преку анализи од домашни експерти, но и преку анализа на постојни светски модели коишто дават добри резултати, за да го искреираме нашиот, македонски образовен систем за основно образование, рече Царовска.
Министерката очекува во наредните десет години овој концепт да даде резултати во начинот на учење на учениците, но исто така и резултатите од учениците на меѓународните тестирања да се искачат повисоко на листите.
Според Царовска, дигитализацијата не беше потребна само заради Ковид-19, туку пандемијата само го забрза овој процес на осовременување на образованието којшто ќе продолжи и понатаму да се користи како алатка.
Таа додаде дека за исклучително краок период со интензивна но мала интервенција, успеале успешно да се прилагодат на онлајн настава.
-Заедно со наставниците, родителите и учениците увидовме дека сепак нашиот образовен систем е флексибилен. Иако имаше став дека е доста ригиден и дека тешко ќе се прилагодат на онлајн наставата. Сега тие ваквиот вид на настава го сметаат за предност. Велат дека ако до сега сме немале можност да стигнеме до видео ресурси и други електронски материјали, сега со еден клик имаме пристап до сите тие материјали. Со онлајн наставата е поедноставно презентирањето на материјалот до учениците, но и тие поинтересно гледаат на овој систем на образование, рече Царовска.
Министерката истакна дека движечката сила на промените во образованието се наставниците и дека токму кај нив има добар потенцијал и којшто може да не’ повлече кон посовремено образование.