В.д. претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари вчера рече дека доколку се решат да станат дел од сегашната власт, а со тоа и да се добијат потребните гласови за повторно отворање на Уставот, партијата ќе постави „сериозно барање кое е многу важно за општеството и кое е прифатливо за секоја политичка партија“.

Таравари не сакаше да открие за што точно станува збор, туку само посочи дека условот не е бришење на квотата 20% Албанци во Уставот, а не е ниту барање за назначување прв премиер Албанец од редовите на Алијанса за Албанците.

-Сега кога ќе дојдат уставните измени, верувам дека и ние за 10-15 дена ќе го изнесеме нашето барање пред меѓународниот фактор. Тоа ќе биде многу сериозно барање на Алијансата за Албанците. И тука не станува збор за бришењето на квотата 20% Албанци во Уставот, ниту, пак, за назначување прв премиер Албанец. Се работи за нешто многу важно за општеството и за државата, па затоа го подготвуваме материјалот. Секако, консултиравме и меѓународни експерти и подготовката на материјалот е при крај. Сега не можам да ви откријам за какво барање станува збор, но јас лично верувам оти нема да има некоја политичка партија која би го отфрлила барањето. Засега немаме никаква официјална понуда од Владата. А ако има понуда, секако дека ќе ја разгледаме. Во моментов сме фокусирани на партијата, на конгресот и сметаме дека треба да работиме со нашите членови со цел да ја направиме партијата уште посилна, изјави Таравари.