Црногорскиот премиер во оставка, Дритан Абазовиќ, побара од новото раководство на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) да провери дали агенти на тајните служби го прислушувале во јули, пред потпишувањето на Темелниот договор со Српската православна црква (СПЦ) , дознава „Вијести“, пренесе Мина.
„Вијести“ од извори блиски до безбедносниот сектор дознава дека Абазовиќ се сомнева дека лица од АНБ незаконски го прислушувале во јули, во периодот кога требаше да се потпише Темелниот договор.
Според истите информации, Абазовиќ побарал од новото раководство на АНБ да ја провери веродостојноста на тие информации и сега се работи на тоа.
Абазовиќ за „Вијести“ потврди дека побарал проверка, но истакна дека нема да коментира ништо додека не добие прецизен одговор од Агенцијата.
Претходниот прв човек на АНБ, Саво Кентера синоќа не одговараше на телефонските повици и пораки на „Вијести“.
Абазовиќ и патријархот на СПЦ Порфирије на 3 август во вила “Горица“ го потпишаа Темелниот договор, без претходна најава.
По потпишувањето, Демократската партија на социјалистите, Социјалдемократската партија, социјалдемократите, Либералната партија и Демократскиот сојуз на Албанците до Собранието поднесоа иницијатива за изгласување недоверба на Владата.