Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Љумир Абдиџику, по состанокот што премиерот Албин Курти го свика со опозициските лидери по повод случувањата на северот од земјата, изјави дека побарале од владата поголема координација со сојузниците за справување со состојбата создадена со излегувањето на Србите од косовските институциијави дописникот на МИА од Приштина.

Во обраќање пред медиумите по завршувањето на состанокот, Абдиџику изјави дека владата не смее да ги доведе граѓаните во ситуација да избираат меѓу законитоста и сојузниците.

– Треба да седнеш и да донесеш заеднички одлуки. Не треба да се избира меѓу законитоста и сојузниците, затоа што тоа би било погрешно. Да не го претвориме во прашање на внатрешната политика. Треба да бидеме единствени, но во тоа единство да бидеме заедно и со меѓународните сојузници. Инаку, секоја нова ситуација ќе биде одговорност на Курти, изјави Абдиџику.

Тој додаде дека Курти на состанокот не рекол нешто повеќе од она што го изјавува на прес-конференции и не изнел конкретни решенија за справување со состојбата.

– Не разбравме нешто ново и не видовме некој конкретен план за решавање на состојбата на север предизвикана од институционалниот, судски и правен вакуум (во средините со мнозинско српско население), рече Абдиџику.

Тој порача дека Курти ќе ја има поддршката на ЛДК, меѓутоа побара тесна координација со САД и европските сојузници.

– Не видовме некакво движење или готовност за целосна координација со меѓународните сојузници. ЛДК смета дека тесната координација со американскиот Стејт департмент, со американските безбедносни институции, со нашите сојузници во Вашингтон и Брисел, е единственото адеквантно решение за моменталната ситуација во која се наоѓа Косово, рече Абдиџику.

На состанокот кај Курти присуствуваше и лидерот на Демократската партија на Косово, Мемли Красниќи, додека оној на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај ја напушти средбата набргу по започнувањето и изјави дека премиерот држел “предавања“ и не објаснил „зошто ги расипа односите со Америка“.

Косовските Срби ги напуштија институциите на државно и локално ниво по најавите од владата на Курти дека ќе ги казнува лицата кои нема да ги сменат регистерските таблички издадени од Србија со таблички со ознаката РКС – Република Косово.