Лидерот на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Љумир Абдиџику ги нарече „петпаречки муабети“ ветувањата на косовскиот премиер, Албин Курти за започнување на изградбата на патот кој треба да ги поврзе Призрен во Косово со Тетово во Северна Македонија, јави дописникот на МИА од Приштина.

На неговата страница на Фејсбук, Абдиџику напиша дека Владата на Курти ја заокружува третата година од владеење, без да изгради ниту еден единствен пат во цело Косово.

Опозицискиот лидер напоменува дека не се затворени градежните работи „ниту за патот за Митровица, ниту за Подујево, ниту за Гњилане, ниту пак за Ѓаковица“, додавајќи дека има „градови кои се сосема оставени во заборав“ и „граѓани кои секојдневно се малтретираат“ веќе три години.

– Денес, во третата година од мандатот, зборуваат за тунели, Призрен-Тетово, 200 милиони. Тоа се петпаречки муабети. Тие ни се повторуваат исти како и пред три години. Исто и со истите ветувања излегуваат и денес, напиша Абдиџику.

Според него, оваа Влада не направила ниту еден чекор за развој на косовската инфраструктура, затоа што е зафатена „со организирање протести за поддршка на самата себе“.

– Зафатени со организирање протести за поддршка на самите себе – замислете – фиксирани на дискусии за минатото, ангажирани во предизвикување делби, пцуења и раздори – значи во политичка суша – оваа влада не успеа да направи ниту еден единствен чекор за инфраструткурен развој на Косово, напиша Абдиџику.

Курти во петокот, за време на престојот во Тетово, се заложи за реализација на договорот постигнат меѓу неговата и Владата на Северна Македонија и потпшан од него и македонскиот премиер, Димитар Ковачевски, за започнување на изградбата на патот кој ќе ги поврзува Призрен и Тетово. По враќањето во Косово, утредента во Призрен, тој рече дека за спојување на двата града ќе треба да се изгради тунел од околу шест километри, а целиот проект не би чинел повеќе од 200 милиони евра