Коосновачот на талибанското движење мула Абдул Гани Барадар ќе ја предводи новата авганистанска влада, изјавија денеска извори од таа исламистичка група, додавајќи дека информацијата ќе биде наскоро објавена, пренесува Хина.

На Барадар, кој раководи со политичката канцеларија на талибанците, на високи владини позиции ќе му се придружат мула Мохамад Јакуб, син на починатиот талибански основач мула Омар и шер Мохамад Абас Станекзаи, посочија три извори.

– Сите највисоки челници пристигнаа во Кабул, каде што се во завршна фаза подготовките за објавување нова влада“, изјави талибански функционер за Ројтерс, под услов да остане анонимен, пренесува Хина.

Барадар на 17 август се врати во Авганистан од Катар, каде што со месеци ги водеше преговорите со САД, а потоа и мировните преговори за Авганистан.

Барадар беше уапсен во 2010 година и ослободен од пакистанскиот затвор пред помалку од три години на барање на САД.

Барадар е роден во провинцијата Урузган во 1968 година и израснал во Кандахар. Тој се придружи на борбата на муџахедините против Советите во 1980-тите и оттогаш напредуваше кај талибанците. „Гардијан“ пренесува дека неговиот прекар бил „касап“, поради бруталноста.