Виолета АЧКОСКА

На 19 април 1903 година (Велигден), се одиграла една од најголемите битки пред Илинденското востание, позната како Крвавиот Велигден. Заеднички четите предводени од војводи на ТМОРО и од Врховниот комитет воделе дводневна борба со турските вооружени сили. Во неа учествувале четите на војводите Коста Мазнејков, Христо Котруле, Никола Лефтеров, Христо Чернопеев, Ристо Стаменов и аскерот од Берово, Владимирово, Радовиш. Така се формирале 7 обрачи, наизменично револуционерни чети и турски аскер. Со оглед на тоа што во таа битка учествувале заедно и чети на ТМОРО и четата на Лефтеров (врховистички војвода), истата се вика и ГОТЕНСКО МУАРАБЕ (доаѓа од турскиот збор мераба-здраво, што значи подадена рака на четите од двете спротивставени страни, централисти и врховисти против турскиот аскер). Оваа битка е повод да се создаде едно од најубавите македонски ора – „Ратевското муарабе“, кое по тактот и музиката потсетува на „Тешкото“.

Ова е постот на професор Ачкоска со кој таа ја одбележува битката. Новинарот Љупчо Шатевски, чии извори малку го поместуваат датумот на битката, за нејзе пишува:

„Велигденската битка, Крвавиот Велигден, Битката на Готен, Готенско муарабе – се имињата под кои е позната една од најкрвавите битки на три-четири месеци пред Илинденското востание. Десетина чети со околу 300 комити и значително помногуброен аскер се судриле во Малеш, во големата битка од април 1903 година, на Велигден. Прво аскерот сардисал и опколил неколку комитски групи, на кои на помош постепено почнале да им доаѓаат други комитски чети што во тој период биле во Малеш. На аскерот, пак, му пристигнувале засилувања од Владимирово, Берово, Радовиш, Струмица. Кој како ќе стигнел го опколувал другиот, па бојот се водел и со тие пред и со тие што доаѓале од зад грб. Многу жртви и ранети имало на двете страни, а комитските чети по долгата битка успеале да се пробијат. Битката се водела на планинскиот масив Готен, во атарот на беровско Владимирово, на дваесетина километри од селото во правец на радовишко Смиланци, село, исто така, главно населено со Малешевци, во ненаселен предел и тогаш и денес, во кој има само по некоја сточарска колиба.

 

Најкаректиристична битка во предилинденскиот период

 

– Освен што е една од најголемите и најкрвавите, битката на Готен е и најкарактеристичната во предилинденскиот период. Прво, поради жестокоста – аскерот и комитите меѓу себе се стегнале во седум обрачи, прстени, а второ и поради тоа што првпат заедно на иста страна војувале централистички и врховистички чети, зашто во судирот се вклучила и четата на врховистичкиот војвода Никола Лефтеров. Затоа народот таа голема битка ја нарекол и Готенско муарабе, според турскиот збор мераба – здраво, а во преносна смисла и подадена рака – вели Ѕвонко Скендерски, историчар од Берово, пренесува Шатевски.