Виолета АЧКОСКА

На 7 и 14 јануари 1945 година, со паролата „на Солун“ дојде до бунт на артилериските бригади од скопското Кале и од штипската касарна. Директно или индиректно, бунтот предизвикал непожелни чинови на одмазда од страна на претставницте на ОЗНА, меѓу кои особено црни дамки, во ткивото на младата македонска држава оставиле ликвидирањата на граѓани без судски пресуди што се случиле во некои македонски градови. Под директива на сојузна ОЗНА и нејзиниот командант Јевто Шашиќ, а со подршка на Политбирото на КПМ, на 14 и 15 јануари 1945 биле ликвидирани околу 50 (48-54, според различни сведочења) граѓани во Куманово и 53 во Велес. За овој чин не бил информиран ниту Методија Андонов – Ченто како претседател на Президиумот на АСНОМ, ниту повереникот за внатрешни работи Кирил Петрушев. Откако разбрал за злосторството, Ченто побарал објаснување од Колишевски кој му одговорил дека „партијата така одлучила“ и се правдал дека е тоа „по налог на Кардељ” (по Второто заседание на АСНОМ).

Тоа всушност било во рамките на политиката „да се прикажат повеќе жртви“ пред сојузниците. Ченто бил многу вознемирен од ставот на партиското раководство, објаснувајќи дека “едно е да се судат, друго е да се осудат, а трето е да се стрелаат ако нивните жалби не бидат усвоени од највисок орган. Но, да се стрела без пресуда, само за да има повеќе жртви, исто така е злосторство”. За да се има некакво покритие, судска пресуда за убиените била донесена постхумно со образложение “Убиените се криви”. Ликвидираните граѓани биле од различни социјални средини, со различна улога во предвоениот и воениот период: интелектуалци, членови на ММТРО, на ВМРО, селани, контрачетници, соработници на окупаторот, патриоти, иматели на сопственост итн. За нивното ликвидирање семејствата со децении молчеле во страв. Во 1996 година беше откриена гробницата на убиените велешани, за онаа во Куманово се уште се молчи.