Виолета АЧКОВСКА
Во историјата има датуми и настани од кои треба да се срами човештвото и кои не можат да бидат заборавени. Таков настан е и депортацијата на Евреите од Македонија, организиран од владите на фашистичка Бугарија и нацистичка Германија. Депортацијата била спроведена според антисемитските закони кои во Бугарија започнале да се носат уште од јули 1940 г. Во јануари 1941 е донесен „Закон за заштита на нацијата“, а на 1 март истата година Бугарија станува сојузник на Силите на оската. За депортација на Евреите од Македонија бил изработен посебен план кој бил дефинитивно спроведен на 11 март 1943. Околу 7.200 Евреи од вардарскиот дел од Македонија биле депортирани во логорот Треблинка во Полска, каде што биле задушени во гасни комори. Од Треблинка не се вратил никој жив. Вечен нека е споменот на невините жртви на едно човечко безумие. Никогаш да не се повтори.