Виолета АЧКОВСКА: „Европскиот сон“

Во 1991 г. го сонував европскиот сон и конечно гледав надеж дека ќе доживеам „Обединета Македонија“ во „Обединета Европа“. Илузиите ги изгубив веднаш, во јануари 1992 г. Сфатив дека бирократската ограниченост на европските лидери е слепа за фактите, па наместо да се прифатат оценките на Бадентер, проработија сеништата од Берлинскиот конгрес 1878 и Букурешкиот договор 1913. И тогаш си го поставив прашањето: Зарем оние кои ја поделија Македонија и македонскиот народ го препуштија на асимилација и денационализација спроведувани со невидено насилство во државите на кои на зелена маса им доделија делови од Македонија, сметајќи дека нашле „конечно решение“ за македонското прашање, сега ќе ги погазат тие свои „историски“ одлуки?!

Станавме сведоци на невидено лицемерие не евробирократите и нивно дистанцирање од агресивните политики на „европските“ балкански државички во стилот: „Грција е внатре, а вие сте надвор“ или „ние многу ве сакаме, ама знаете, дај решете ги проблемите со соседите“. Македонија нема проблем со соседите, туку соседите имаат проблем со долгогодишно подгревање на политиката дека Македонија не припаѓа на македонскиот народ, туку дека е тоа нивна територија.

Така, веќе три децении трае „големата љубов“ на ЕУ кон Македонија која треба само малку да направи исчекор: да си промени име, идентитет, историја, јазик, односно да се самоукине. Некогаш тоа го правеа други, а сега самите си ја поставивме бесилката. Ако љубовта е вистинска, тогаш ЕУ треба да го укине консензусот за прием и нема да дозволи балканизмот да ги валка големите европски идеи. Но, дали тие постојат или се изгубија во воспоставувањето на двојни аршини и дополнителни критериуми за влез во НАТО и ЕУ специјални за Република Македонија, бесконечни ветувања и неисполнувања на ветеното? Балканот успеа да ја балканизира Европа. Европа падна на испитот за европеизација на Балканот.

Имало и потешки времиња. Ќе опстоиме. Македонија вечна.