Виолета АЧКОВСКА

Договорите со Грција и Бугарија, воведувањето на двојазичност („Тиранска платформа“), двојните европски аршини, слабиот и малуброен отпор и внатрешната петта колона, беа лавината која ја сруши Македонија.

Отиде името, идентитетот, историјата и унитарноста на државата. После сето тоа, дури некако тажно ми делува „Гоце не го даваме“, колку тој и да е македонската револуционерна совест.

Па сè ни зедоа. Останува уште фалсификување на еден попис и приказната е завршена. Сета „европска“ бирократија е врегната „конечно“ да го реши македонското прашање како во 1913 и 1918, при што бескуполозно се врши духовен геноцид врз македонскиот народ. Како оружје во сето тоа се во игра територијалните побарувања за „големи“ балкански држави од 19 век.

И тие територијални побарувања, за жал, се поклопувале и се поклопуваат во средиштето на Балканот, односно на картата на етно-географска Македонија. Токму затоа Михаел Вајтман ја употребил метафората за „четирите огнови“ околу Македонија и Стефан Требст за “четирите волци“. Ако кон сето ова се додаде и црковното прашање, од Македонија смислено и систематски се прави бришан простор. Сите се перчат со славното минато, а само нам на Македонците ни бранат сеќавање, ни ја одземаат историјата. Всушност ни се одзема историскиот легитимитет на сопствена држава. Затоа дополнителните „услови “ за ЕУ и НАТО беа и една голема трагедија. Само народ со свој јасен идентитет, а не три црти, може да биде дел од Европа како цивилизациска идеја и како здружение за економска, политичка и културна соработка меѓу народите, со взаемно почитување на едните со другите.