Виолета АЧКОВСКА за „Петре Пирузе – Мајски или Панчо Вила“
Петре Пирузе – Мајски (1907-1980), адвокат од Охрид, опеан партизански командант, легенда на антифашистичката НОБ во Западна Македонија, човек со широки демократски погледи, асномски деец и близок соработник на Ченто, Македонец кој тргна по патеките на борбата за национална слобода и државност на својот народ. Во 1945г. паѓа во немилост зашто при посетата во Софија зборувал за обединување на Македонија, а покрај тоа уште барал правда за партизанката Лена Стојческа, убиена по наредба на Цветко Узуновски Абаз, раководител на македонската УДБА и десна рака на Лазар Колишевски. Набрзо му е одземена „Партизанската споменица 1941“, а потоа е испратен да работи во Врховниот суд во Белград, како и бројни македонски интелектуалци кои биле тргани од локален терен.
Во погоден момент, за време на судирот на КПЈ со Информбирото, во 1950, без судска пресуда бил одведен на тригодишно „општествено преваспитување“ на Голи Оток каде доживеал вистинска Голгота: „топол зајак“, бојкот, физичка и психичка тортура, напорна работа и изгладнување, покрај иследничката пеколна игра со ставање „под кебе“. Со месеци бил иследуван, цели ноќи безмилосно тепеан, а потоа враќан во бараката во ќебе. Прогласен за „предавник“ на Партијата, со удбашки методи бил принудуван да признае дека е „бугарски шпиун“. Не успеале да му го скршат духот. Останал неизвалкан, доследен и со гордо крената глава му се обратил на еден иследник: „Мојата совест е чиста. Секогаш сум му служел на народот: за негово добро, за негова слобода и правда. Одамна јас не си припаѓам себеси…па затоа и твоите закани не ме плашат…”. А кому му припаѓаат и кому му служат оние кои името на улицата Петре Пирузе –Мајски бараат да се преименува во Мексичка? И како нив ќе ги запише историјата?
Петре Пирузе припаѓа на онаа генерација Македонци која застана на браникот на Македонија против фашистичкото зло. Неговата храброст, чесност и човечност и љубовта кон татковината се оние искри во нашето колективно паметење кои ни овозможуваат национална гордост и самопочит. Вечна слава!