По повод расколот што се случи на патриотската страна околу претседателските избори, би сакал да споделам неколку хипотетички ситуации кои ги потхрануваат тезите на двете страни, на тие што гласаа за Гордана Силјановска и на тие што ги бојкотираа изборите за претседател на Република Македонија.
- Кога народот би ги бојкотирал изборите, Владата би се нашла во тешка ситуација. Пред сопствената нација би го изгубила легитимитетот и и меѓународната заедница би го принудила овој режим на оди на предвремени избори, што би можело да значи и смена на власта.
- Кога тие што бојкотираа би излегле на гласање, опозицискиот кандидат ќе победеше и опасно ќе ја делигитимираше оваа власт. Излезот повторно би бил во предвремени парламентарни избори и смена на власта.
- Со неусогласеност на двете групи со иста цел, се преполови нивнта моќ и неминовно следеше пораз.
Но овие хипотези се само теориски, виртуелни проекции на умот. Реалноста произлезена од искуството е дека овој режим секогаш има решение. А тоа е полнењето кутии. Ако народот бојкотира, ќе ги наполнат кутиите и ќе добијат цензус и победник. Ако сите патриотски сили гласаат, тие пак ќе ги наполнат кутиите. И тука нема лек. Меѓународната заедница ги поддржува и прикрива нивните беззаконија. Тие едноставно мора да победат за да се остварат геостратегиските планови на „меѓународната“ која изигрува праведен судија во нашата голгота, а всушност врши подмолен напад на нашите највитални национални интереси. На меѓународната заедница постојано и требаат соработници на кои суверенистите и антиглобалистите гледаат како на предавници. Затоа, да ни стане јасно дека зад секој предавнички режим стои хегемон кој ја диктира играта на меѓународно ниво.
Конечно, единствен начин да се урне овој режим е да се излезе масовно на избори и да се гласа против него. Но само со техничка влада во која ресорите МВР и труд и социјална политика би биле под контрола на опозицијата (Пржинска влада). Тогаш рапидно ќе се намали можноста за полнење кутии од страна на режимот. Сега останува да се чекаат тие сто дена пред следните парламентарни избори. Пржинската предизборна влада ќе биде увертира во падот на овој режим Но треба да се гласа и со тоа да се изрази народната волја. Режимот е слаб и ја губи поддршката на народот. Затоа патриотите треба да се обединат и да си простат. Само така ќе имаат доволно сила да го урнат овој тирански режим.