Помина точно една година од „политичката, а не правна“ одлука на Уставниот суд, со која беше укинат балансерот – единствениот механизам што гарантираше следење на правичната и соодветна застапеност на етничките заедници во државните институции, се наведува во соопштението од прес-конференцијата на потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, што го пренесуваме интегрално.
Една година подоцна, последиците се јасни, болни и алармантни.
Оваа одлука не беше техничка, ниту административна.
Беше политичка и противуставна, затоа што имаше за цел да го избрише етничкото изјаснување и да ги демонтира колективните права загарантирани со Охридскиот мировен договор и санкционирани со Амандман VI на Уставот.
Всушност, ова беше институционален напад врз еднаквоста и отворено враќање пред 2001 година – во време кога Албанците сочинуваа помалку од 0,2% од државната администрација.
Пред укинувањето на балансерот, Албанците беа застапени со околу 22% во администрацијата – процент што постепено се зголемуваше од година во година.
По укинувањето на овој механизам, според јавните податоци, во повеќето државни институции процентот на Албанци во новите вработувања не надминува ниту 5%, а најголемиот дел се членови на „тесното семејство“!
Тоа значи дека процесот не оди напред – туку назад, и во краток период реалната застапеност ќе падне под 20%.
Ова е тивко институционално чистење, што се случува со молкот на Владата и со поддршката на оние кои требаше да ја бранат еднаквоста, а не да ја погребаат.
Премиерот зборува за над 12.000 нововработени, но меѓу нив Албанците се помалку од 500.
Тоа е вистинската слика на администрација што повторно се претвора во едноетнички монопол – влада што ја напушти охридската идеја и уставната правичност.
Една година по оваа одлука, државните институции се понеправични, позатворени и поеднообразни од кога било порано.
Ова веќе не е само политичко прашање – ова е уставно, национално и егзистенцијално прашање за Албанците и за сите заедници во Северна Македонија.
Станува збор за намерен обид за институционална асимилација и елиминација на Албанците и другите немнозински заедници од државното одлучување.
Наместо да ја исправи оваа неправда, Владата – преку новиот нацрт-закон за правична и соодветна застапеност, изработен од ВМРО-ДПМНЕ и Каракамишева, а срамно поддржан од ВРЕДИ – го бетонира дискриминирањето.
Сето ова се случува додека укинувањето на балансерот беше едно од главните изборни ветувања на ВМРО-ДПМНЕ – ветување што ВРЕДИ, како политички вазал, помогна да се реализира против интересите на Албанците.
Ова не е само штетна соработка – ова е директно вклучување во антиалбански проект кој има цел да ги избрише сите придобивки од Охридскиот договор.
Овој нацрт-закон е уставна и морална катастрофа:
• Не предвидува етнички квоти, ниту проценти и ниту пропорционалност во новите вработувања;
• Не ги обврзува институциите да ја евидентираат етничката припадност на вработените;
• Не содржи никакви санкции за прекршителите – што значи дека дури и при непочитување на принципот на правична застапеност, не постои заштитен механизам;
• И, најважно, е во целосна спротивност со основните начела на Уставот.
Наместо да го унапредат балансерот со закон, тие го погребаа со нацрт што носи албански потпис.
Ова е политичка и национална предавство.
Апсурдот оди уште подалеку: нацртот предвидува само „констатирање на непостоечка правична застапеност“.
Ние денес, заедно со целата јавност, тоа веќе го констатираме – затоа нема потреба тие да се мачат да го напишат на хартија.
Денес застапеноста на Албанците паѓа со алармантна брзина, институциите се претвораат во етнички затворени структури, а ниту еден владин функционер не презема одговорност.
Ако ова продолжи, многу брзо јавната администрација ќе остане без Албанци, а Охридскиот договор ќе постои само на хартија, не и во пракса.
Бараме овој нацрт-закон веднаш да се повлече, а Владата да го врати механизмот на балансерот во согласност со Охридскиот рамковен договор и Уставот на државата.
Секој ден без овој механизам е уште еден чекор кон неправда, нееднаквост и институционална асимилација.
Ние тоа нема да го дозволиме!
Не враќање пред 2001 година!
Не администрација без Албанци!
Не неправди сокриени зад зборот „реформи“!
Еднаквоста не е опција – тоа е темел на државата.
А ако оваа држава го заборави тоа, ние ќе го потсетиме – со глас, со достоинство и со решителност.
ДУИ