Демократската унија за интеграција (ДУИ) ја повикува опозицијата да го прифати и поддржи Договорот за добрососедство со Република Бугарија, што е меѓународен договор и согласно Уставот неговото правно дејство не може да се менува, истакна меѓу другото Арбер Адеми, координатор на пратеничката група на ДУИ на денешната прес – конференција.

Тој го соопшти ставот на ДУИ во врска со иницијативата за организирање референдум од страна на ВМРО-ДПМНЕ и зошто не треба да се поддржи.

Kога е во прашање државниот и национален интерес, ДУИ, истакна Адеми, координатор на пратеничката група на партијата, нема да дозволи ретроградните сили да ја закочат иднината на Република Северна Македонија.

– Иницијативата за организирање на референдум е спротивна на Уставот на РС Македонија и истата е отфрлена бидејќи Уставот, како највисок правен акт, е многу јасен. Само да потсетиме, во член 118, се предвидува дека потпишаните меѓународни договори, кои потоа се ратификувани, се дел од внатрешниот правен поредок и истите не можеме да ги менуваме со Закон, изјави Адеми.

Очигледно, опозицијата намерно ја има смислено и поднесено иницијативата на правно неиздржан начин за организирање референдум, која е спротивно на Уставот, и со единствена цел, истакна координаторот на пратеничката група на ДУИ, за да биде одбиена и притоа да создава поделби и тензии меѓу граѓаните, да го манипулира народот иако знаат дека референдумот нема никакви шанси да успее.

– Иницијативата на опозицијата е насочена кон попречување на патот кон Европската унија. Жалам за антиевропското убедување и делување на опозицијата, но едно е јасно, дека враќање назад нема да има, дека земјата нема да се изолира од останатиот демократски свет, рече на прес-конференцијата Адеми.

Сега кога веќе официјално почнавме преговори со Европската унија, ДУИ повикува на формирање широк проевропски фронт на политички партии, невладини, медиуми, граѓани.

Тој го повика, како што рече, про европското крило во рамките на опозицијата да направат се за да не се загрози членството на Република Северна Македонија во НАТО и да запре нејзиниот европски пат.

– Во време на најголемата економска и енергетска криза, во пресрет на една тешка и неизвесна зима што не чека не само нас туку целата Европа, крајно неодговорно и недозволиво е да се потрошат 8 милиони евра за организирање на референдум, само за да станеме дел од големата измама на опозицијата, рече Адеми.