Преовладува позитивно мислење и во Kоординативниот кризен штаб и во Владата, но и во образовните институции, учебната година да почне со физичко присуство. Не прејудицираме, се разгледуваат сите можни опции, ги имаме протоколите за сите модели на настава кои се подготвуваат низ инклузивен пристап со консултација на сите засегнати страни за да имаме издржани решенија, изјави министерот за образобание и наука Арбер Адеми.
На видеосредба со медиумите на која беа презентирани резултати од истражување за искуствата од онлајн-наставата во минатата учебна година, Адеми кажа дека има доволно време до 1 септември навреме да се организира почетокот на 2020/2021 година и сите училишта да се подготват за спроведување на протоколите. Зелено светло за модалитетите, како што рече, е дадено од Комисијата за заразни болести со кои во детали ги разработиле, добиле ставови и од СОНК и овие денови се очекува нивното финализирање.
– Следна фаза е уште еднаш протоколите да се разгледаат во Комисијата и потоа на седница на Влада да се одлучи кој модел конкретно би се активирал за кои околности и во која епидемиолошка состојба. Имаме време пред нас, рече Адеми.
Во однос на петициите од родители на социјалните мрежи против отворање на училиштата, но и против онлајн-настава, тој одговори дека каква опција и да се понуди или да се преземе некое решение, секогаш ќе се најдат луѓе кои ќе даваат отпор или ќе најдат причина за да ги оспорат. Тој додаде дека затоа сите одлуки ги носат преку пристап на вклучување на сите засегнати страни и преку истражување и анализа. Притоа нагласи дека конвенционалната настава во училница е незаменлива и дека и во најразвиени земји кои имаат беспрекорни технички услови за е-настава таа не се организира во целост.
На видеосредбата беа презентирани резултати од истражувањето „Искуства и ставови за учењето на далечина за време на пандемијата на КОВИД-19“, кои покажуваат дека околу половина од анкетираните родители, директори и наставници сметаат дека треба да се продолжи со наставата во училиште од септември. Околу третина од родителите, директорите и наставниците се за комбиниран пристап во настава на далечина (комбинирање на одделенија или денови во неделата).
Истражувањето е спроведено од Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Владата на Обединетото Кралство и во соработка со истражувачкиот тим на Реактор-истражување. Опфатило мислења од околу 10 000 испитаници (210 директори на училишта, 6400 наставници и 3400 родители) прашани преку онлајн-анкета во јуни и јули.
Речиси 59 проценти од анкетираните директори, 58 проценти од анкетираните наставници во основното и 48 проценти од средното образование, како и 46 проценти од анкетираните родители ја поддржале редовната настава во училница во согласност со протоколите. За поддршка на комбиниран модел на настава во училница и на далечина се изјасниле 36 проценти од анкетираните директори, 33 проценти од наставниците во основното и 38 проценти од наставниците во средното образование, како и 35 проценти од родителите.
Повеќе од половина од наставниците (54 отсто) сметаат дека во трите месеци онлајн-настава (март-јуни) се зголемил бројот на ученици кои имаат тешкотии да го усвојат наставниот материјал, а 77 отсто од наставниците во одреден период од наставата на далечина не можеле да остварат контакт со учениците. Мнозинството наставници рекле дека имаат потреба од обука за користење на образовна технологија. Мнозинството анкетирани родители имале тешкотии да ги поддржат своите деца за време на учењето на далечина. Од нив, 61 процент се изјасниле дека нивните работни обврски ги спречувале да им посветат дополнително време потребно за поддршка на онлајн-учењето. Пристапот до интернет и до компјутерска опрема, исто така, бил пречка за некои домаќинства, така што 37 проценти од родителите изјавиле дека децата морало да делат лаптопи или компјутери со други членови на семејството, а други дека немале стабилен интернет. Дека немаат пристап до лаптоп или компјутер кажале 5 отсто.
Повеќе од половина од директорите сметаат дека нивното училиште има услови за одржување безбедна физичка дистанца, а 94 проценти од нив сметаат дека нивното училиште има услови за одржување на мерките за хигиена.
Министерот Адеми рече дека иако и досега на различни начини, посредно и непосредно, добивале сознанија за искуствата на засегнатите во образованието, ова истражување, рече, е најрелевантно и добиените резултати најдобро ги сумираат искуствата на поединците.
Претставничката на УНИЦЕФ во земјава Патриција ди Џовани истакна дека пандемијата наметнала преориентација кон далечинско учење за децата да не изгубат од образованието и да нема застој, но дека, како што рече, има сѐ повеќе докази за негативното влијание од затворените училишта – долгорочни последици врз учењето на децата, безбедноста, здравјето и благосостојбата.
– Доколку отворањето на училиштата не ни е приоритет, ќе забележиме назадување во образовните придобивки стекнати во последните години. Најдобрите интереси на децата мора да бидат централни при носењето одлуки за тоа кога и како училиштата повторно ќе се отворат, истакна Ди Џовани, нагласувајќи дека мора да се дејствува сега за децата да не станат, како што рече, „скриените жртви на оваа пандемија“.
На презентацијата беше посочено дека резултатите од ова истражување даваат дополнителен увид за да се поддржи Владата во планирање и донесување одлука за модалитетите и протоколите за повторно отворање на училиштата.