Денешната влада не е производ на демократски процес, туку резултат на таен и антидемократски договор, склучен во 2022 година меѓу македонските политички лидери, под диригенција на олигарсите кои ја контролираат македонската политика и самата економија на државата. Овој договор имаше една единствена цел: дефакторизација и политичка асимилација на Албанците, претворајќи ги од државотворен фактор во симболична фигура внатре во институциите, истакна на денешната прес-конференција потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, што ја објавуваме интегрално.
Овој мрачен проект имаше за цел да ја поништи реалната политичка моќ на Албанците, да ја обесмисли албанската гласачка волја и да го негира легитимитетот на нивното политичко претставување.
И по парламентарните избори, овој план се претвори во пракса:
откако албанскиот народ јасно проговори преку гласачките кутии, лидерот на ВМРО избра да го погази тој глас, внесувајќи во владата политички губитници од албанскиот блок – оние што не добија легитимитет од народот.
Тоа беше отворен чин на негирање на демократијата и еднаквоста, јасна и понижувачка порака до секој Албанец:
„Вашиот глас не вреди. Вашиот збор не се слуша. За вашата судбина одлучуваат други, не вие.“
Тоа не е демократија, тоа е мајоризација.
Тоа е кршење на духот и буквата на Охридскиот мировен договор, документот кој ја гарантира функционалната мултиетничка демократија и еднаквата одговорност меѓу сите заедници, особено меѓу Албанците и Македонците – како двете столбови на оваа држава.
Секое отстапување од овој концепт ги поткопува темелите на државата и го загрозува меѓуетничкиот соживот.
Во изминатите 16 месеци, оваа влада се покажа како лабораторија на политичката асимилација.
Албанскиот политички фактор е исклучен од одлучувањето, маргинализиран во секој сегмент на јавниот живот – од економијата до културата, од администрацијата до централните институции.
Дури и таму каде што Албанците формално имаат позиции, тие се без реална политичка моќ.
Тоа не е претставеност – тоа е институционално понижување.
Се губи смислата да се натпреваруваат Албанците на избори, да изработуваат програми и да бараат доверба од народот, ако по изборите учеството во институциите не зависи од албанскиот глас, туку од волјата на македонскиот лидер?
Што смисла има легитимитетот, ако тој се игнорира од мандатарот и се заменува со политички пазари зад затворени врати?
Тоа е политичка асимилација, процес насочен кон одземање на државотворниот статус на Албанците и нивно сведување на декоративна улога во владата.
Но овој план, колку и да е таен и добро испланиран, е осуден на неуспех.
Зашто Албанците повеќе не се набљудувачи на сопствената судбина.
Тие ја препознаа старата игра на Белград, облечена со костум од Скопје.
Тие го разбраа сервилизмот на албанските вазали кои прифатија да бидат дел од влада што го негира сопствениот народ.
На 19 октомври, Албанците ќе зборуваат на јазик кој не бара превод – на јазикот на политичкото достоинство.
Тој ден ќе биде референдум на националниот легитимитет, ден кога ќе се урне проектот на асимилацијата и ќе се возроди етничката еднаквост.
Албанците се автохтони и државотворни.
Тие не можат да бидат исклучени, игнорирани или заменети според желбата на некого.
ДУИ
Фото: Архива